Челниците на САД и на Јапонија, Џо Бајден и Фумио Кишида, ќе разговараат за јакнењето на моќта на Кина, севернокорејската ракетна програма и наводните руски намери во Украина на својот прв состанок откако Кишида ланскиот октомври стана јапонски премиер.
Виртуелниот состаник меѓу Бајден и Кишида, кој ќе се одржи во петокот по вашингтонско време, се надоврзува на разговорите на министрите за одбрана и за надворешни работи на двете земји претходно во јануари со кои е договорена соработка против, како што беше дефинирано, „настојувањата да се дестабилизира индо-пацифичкиот регион“, според новиот речник кој САД го користат за означување на своите нови интереси во регионот во кој ја вклучуваат и Индија.
Загриженоста поради „сѐ поагресивната“ Кина, тензиите околу Тајван и Украина, ја зголемија важноста на Јапонија во светот во областа на безбедноста, додека Северна Кореја ги разгорува тензиите со тестирањата на своите проектили, пишува Reuters.
Северна Кореја, која оваа седмица лансираше наведувани тактички проектили, во четвртокот предупреди дека би можела да го преиспита својот мораториум на тестирањето нуклеарни оружја и интерконтинентални балистички проектили.
Американскиот советник на претседателот за национална безбедност Џејк Саливан и неговиот јапонски колега Акиба Такео ги претставија во четвртокот темите на разговорите зборувајќи за своите пристапи во врска со Северна Кореја, Кина и економските прашања во индо-пацифичкиот регион.
„Саливан ја нагласи загриженоста поради можноста од нова руска агресија во Украина и двете страни се согласија во поглед на важноста од солидарност во сигнализирањето на Москва дека каков и да е напад ќе резултира со силен заеднички одговор“, соопшти Белата куќа.
Челниците на двете земји, според Белата куќа, ќе разговарат за економските и безбедносни прашања, за климатските промени и другите билатерални прашања.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави на брифингот за новинарите во четвртокот дека целта на разговорите е „натамошното јакнење на американско-јапонскиот сојуз“ и обезбедувањето „слободен и отворен индо-пацифички регион“.
Изјавите кои би требало да содржат пораки за Кина се важни, бидејќи и Бајден и Кишида годинава ги очекуваат избори. Во Јапонија во јули се одржуваат изборите за горниот дом на парламентот, а во САД во ноември, на половината од мандатот на Бајден, се одржуваат изборите за Конгресот.
Двете земји ги ревидираат своите безбедносни стратегии, а поединостите ќе бидат познати подоцна годинава. Јапонија, како и САД, одобри рекордна потрошувачка за одбраната годинава.
„Новата ревизија ќе има многу поостар фокус на она што се случува во азиско-пацифичкиот регион, А мислам дека сликата којашто ја имаме во овој регион е сѐ повеќе загрижувачка“, изјави јапонскиот амбасадор во Вашингтон, Коџи Томита во говорот во Институтот Брукингс во вторникот.
Јапонија ќе ја засили одбраната на островите во близина на Тајван, изјави претходно седмицава премиерот Кишида, откако во ланскиот октомври вети ревидирање на безбедносната стратегија за да се земат предвид „сите опции, вклучително и поседувањето на ткн капацитети за напад врз непријателите“.