Бајден и Моди ја поздравија „новата ера“ во односите меѓу САД и Индија

Американскиот претседател Џо Бајден и индискиот премиер Нарендра Моди ја поздравија новата ера во односите на нивните земји и најавија договори насочени кон спротивставување на кинеското глобално влијание, откако Белата куќа во четвртокот му приреди на црвениот тепих на државен гостин од Индија.

Партнерството е „посилно, поблиско и подинамично од кога и да е досега“, им рече Бајден на новинарите на заедничката прес-конференција со Моди, откако двајцата челници одржаа разговори во Овалната канцелаија за човековите права во Индија и војната на Русија против Украина, за која Њу Делхи досега одржува неутрален став, имајќи ги предвод големите набавки на руско оружје и неколкукратно зголемените набавки на руски енергенси по воведувањата на западните антируски санкции.

Економските односи „цутат“, рече Бајден, истакнувајќи дека трговијата е повеќе од двојно зголемена во изминатата деценија и дека двете „најсилни демократии“ во светот соработуваат во областа на климата, здравствената заштита и вселенската технологија.

Иако САД и Индија не се формални сојузници со договори и Индија долго време ја ужива својата независност, Вашингтон сака Делхи да биде стратешка противтежа на Кина. Ниту еден од лидерите не го критикуваше директно Пекинг во официјалните изјави, но имаше алузии на владата предводена од Кси Џинпинг.

„Темните облаци на принуда и конфликти фрлаат сенка над Индо-Пацификот. Стабилноста на регионот стана една од централните грижи на нашето партнерство“, рече Моди при обраќањето пред американскиот Конгрес.

Откако Бајден и Моди разговараа насамо повеќе од два часа, заедничката изјава вклучуваше предупредување за зголемени тензии и дестабилизирачки дејства во Источното и Јужното Кинеско Море и ја истакна важноста на меѓународното право и слободната пловидба.

„Предизвиците и можностите со кои се соочува светот во овој век бараат од Индија и Соединетите држави да работат заедно, а ние го правиме тоа“, рече Бајден посакувајќи му добредојде на Моди во Белата куќа.

Индија е најнаселената земја со 1,4 милијарди луѓе и петта по големина економија, а Моди се обидува да ја подобри својата позиција на меѓународно ниво, а во исто време ги затегнува односите со Кина, со која како и со Русија е дел од блокот земји БРИКС.

Агенцијата Reuters пишува дека Вашингтон е фрустриран од блиските врски на Индија со Русија додека Москва води војна во Украина. Моди избегна директно да ја спомене Русија, но им рече на американските пратеници дека конфликтот „предизвикува голема болка во регионот“. „Бидејќи се вклучени големи сили, резултатите се сериозни“, додаде тој.

Посетата на Моди не помина без контроверзии. Неговиот говор во Конгресот беше бојкотиран од некои либерални пратеници поради неговиот однос кон муслиманското малцинство во Индија. Но, исто така, привлече маса присутни кои скандираа „Моди, Моди“ силно аплаудирајќи во настанот пред Белата куќа.

Додека околу 7.000 луѓе се собраа на колоритна церемонија за добредојде во Белата куќа, неколку блокови подалеку, помала група протестираше против добронамерноста на администрацијата на Бајден кон Моди, кој ја предводи хиндуистичката националистичка партија Бхаратија Џаната.

Запрашан од американски новинар какви чекори ќе преземе за да ги подобри правата на муслиманите и другите малцинства, Моди рече дека „апсолутно нема простор за дискриминација“ во Индија.

Бајден им рече на новинарите дека директно разговарал со Моди за демократските вредности. Во меѓувреме, претседателот на Претставничкиот дом на републиканците, Кевин Мекарти, им рече на новинарите дека двопартиска конгресна делегација треба да ја посети Индија во октомври.

Двете земји објавија договори за полупроводници, критични минерали, технологија, вселенска соработка и одбранбена соработка и продажба.

Некои од нив се насочени кон диверзификација на синџирите на снабдување за да се намали зависноста од Кина. Други се фокусирани на освојување на пазарите на напредни технологии, а Индија отстрани некои царини за американските стоки.

Соединетите држави се најголемиот трговски партнер на Индија, но САД имаат многу поголеми трговски односи со Кина, ЕУ и нејзиниот северноамерикански сосед Канада

Најавено е дека Бајден и Моди ќе потпишат договор со кој ќе му се овозможи на американскиот гигант „General Electric“да произведува млазни мотори во Индија за индиски воени авиони, преку договор со индиската компанија „Hindustan Aeronautics“.

Бродовите на американската воена морнарица ќе можат да се поправаат во индиските бродоградилишта, а Индија ќе набави вооружени дронови „MQ-9B SeaGuardian“ од американско производство.

Американскиот производител на чипови „Micron Technology“ планира да отвори фабрика за тестирање и пакување на полупроводници вредна 2,7 милијарди долари во родната држава на Моди, Гуџарат. Соединетите држави, исто така, ќе им олеснат на квалификуваните индиски работници да добијат и да ги обноват американските визи.

Индија, исто така, се согласи да се приклучи на договорот за истражување на вселената „Artemis“ предводен од САД и да соработува со американската вселенска агенција NASA на заедничка мисија на Меѓународната вселенска станица во 2024 година.

Моди престојуваше пет пати во САД откако стана премиер во 2014 година, но ова е негово прво патување со целосен дипломатски статус на државна посета. Тој ќе им се обрати на американските извршни директори на прием во петок.