Бајден и неговите европски сојузници го повикаа Иран да ја повлече заканата со напад врз Израел

Американскиот претседател Џо Бајден и челниците на Велика Британија, Франција, Германија и Италија во заедничка изјава од понеделникот го повикаа Иран да ја повлече заканата со одмазднички напад врз Израел, објави Белата куќа на својата веб-страница.

Во атмосферата на растечките тензии на Блискиот исток разгорени од најновата израелско-палестинска војна започната ланскиот октомври, американскиот претседател и неговите европски сојузници разговарале за „сериозните последици од можниот напад по регионалната безбедност“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

„Го повикавме Иран да ги повлече своите закани со воен напад врз Израел и разговаравме за сериозните последици за регионалната безбедност доколку дојде до таков напад“, изјавиле соговорниците по конференцискиот телефонски разговор, изразувајќи поддршка за „израелската одбрана од Иран и неговите сојузници“.

Истовремено повикаа на испорака и дистрибуција во палестинската енклава Појасот Газа, разорана целосно со над 40.000 мртви од воените операции на нивниот сојузник Израел кој така се одмазди за нападот без преседан според обемот и свирепоста на исламистичкото движење Хамас ланскиот 7-ми октомври врз јужните израелски воени бази, кибуци и градови, со 1.200 жртви и околу 250 грабнати лица.

Челниците на петте западни земји во заедничката изјава наведуваат и дека го поддржуваат повикот на САД, Катар и Египет за обновување на преговорите за прекин на огнот во Газа подоцна оваа седмица со цел да се склучи договор што е можно поскоро. Истакнуваат дека „повеќе нема време за губење“.

Но претходно во неделата, палестински Хамас побара трите земји посредници да го претстават планот заснован на претходните разговори наместо да започнуваат нови преговори за договорот за прекин на огнот со Израел во Појасот Газа.

Минатата седмица функционери од Египет, Катар и САД ги повикаа претставниците на Израел и на Хамас на преговори за да се договори прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници кои во енклавата ги држат палестинските милитанти, а кои би се одржале на 15-ти август во египетската престолнина Каиро или во катарската Доха. Израелската влада соопшти дека ќе испрати свои преговарачи на состанокот. Хамас, од своја страна прво објави дека ја разгледува поканата, но сега навестува дека би можел да изостане од новата рунда преговори.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, претходно во понеделникот процени дека Иран оваа седмица би можел да изведе серија големи напади врз Израел. Призна дека во случај на напад „тоа дефинитивно би можело а влијае врз преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, кој би бил следен и со ослободување на израелските заложници. Преговорите се предвиден за четврток, прецизираше Кирби.

Бидејќи Иран се заканува со одмазда поради убиството на политичкиот лидер и главен дипломатски преговарач на Хамас, Исмаил Ханија во Техеран, на што се надоврза и заканата од палестинските милитантни фракции, како и од иранскиот сојузник во Либан шиитското движење Хезболах, чиј командант беше Фадл Шукр беше убиен во израелски напад во Бејрут, САД го зголемија своето воено присуство на Блискиот исток за да помогнат во одбрана на Израел од можен напад од страна на Иран и неговите регионални сојузници.