Бајден и Нетанјаху разговараа за можноста за тактички паузи во нападите врз Газа

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска разговараа за можноста за тактички паузи во нападите врз Појасот Газа и евентуално ослободување на заложниците, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.

Кирби рече дека се очекува повеќе Американци денеска да ја напуштат Газа.

Бајден и Нетанјаху разговарале и за ситуацијата на Западниот Брег.

„САД сè уште не сметаат дека општо примирје е соодветно во овој момент. Вашингтон ќе продолжи со разговорите со Израел за хуманитарни паузи во Газа“, рече Кирби, прецизирајќи дека Бајден и Нетанјаху се договориле повторно да разговараат во наредните денови.

„Гледаме дека повеќе хуманитарна помош доаѓа во Газа, но тоа е далеку од доволно. Во последните 24 часа таму влегле помалку од 30 камиони со помош“, рече портпаролот.

Кирби, исто така, објави дека Израел го уверил Вашингтон дека бараното автоматско оружје ќе оди само во националните полициски единици.