Бајден и Трамп на чекор од повторување на претседателските избори во 2020-ра.

Актуелниот американски претседател, демократот Џо Бајден и негвоиот претходник на должноста републиканецот Доналд Трамп, се на прагот да освојат доволен број делегати за претседателските номинации во нивните партии во вторник, со што официјално ќе започне првиот реванш за избор на претседател во САД по речиси 70 години.

Партиски избори се одржуваат во четири американски сојузни држави, вклучително и клучната држава Џорџија, каде што Трамп се соочува со обвиненија за кривично дело дека наводно се обидел да ги оспори резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Исходот, всушнсот, е однапред одреден бидејќи последниот кандидат за републиканска номинација, поранешната амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, се повлече од претседателската кампања откако Трамп доминираше на партиските прелиминарни избори во т.н. Супер вторник кога освои 14 од 15 држави.

Во меѓувреме, Бајден не се соочи со речиси никаква опозиција на демократските прелиминарни избори, со исклучок на либералните активисти фрустрирани од неговата поддршка за израелската војна во Газа, кои ги повикаа демократите да се прогласат за „неопределени“ на гласањето.

И Трамп и Бајден сега го насочуваат вниманието кон претседателските избори на 5 ноември.

Во Роме, во Џорџија, 77-годишниот Трамп го повтори своето тврдење дека се случила изборна измама во 2020 година и ја обвини окружната обвинителка во оваа сојизна држава Фани Вилис, која го гони, за мешање во изборниот процес во 2020 година, тврдејќи дека била вмешана во заговор со администрацијата на претседателот Бајден против него како цел. Инсистира дека Вилис го прогонува од политички причини.

Трамп, исто така, го нападна Бајден за неуспехот да го запре огромниот проток на мигранти на јужната граница и повторно ќе го направи прашањето за илегалната имиграција центар на неговата кампања, како што тоа го стори и во 2020 година.

Од друга страна, во Атланта, 81-годишниот Бајден повтори делови од своето обраќање за состојбата на нацијата минатиот четврток во Конгресот и предупреди дека Трамп е „опасност за американската демократија“. Тој, исто така, го осуди неговиот запалив говор за мигрантите.

Кампањата на Бајден влезе во поагресивна фаза и само 24 часа по неговиот говор во Конгресот беа собрани 10 милиони долари, а демократската кампања има финансиска предност пред републиканците. Демократите одвоија 30 милиони долари за кампањата во неколку клучни држави.

Покрај во Џорџија, прелиминарни избори се одржуваат и на Хаваи, Мисисипи и Вашингтон.

На Трамп му се потребни уште 139 делегати за да ги достигне потребните 1.215 и да ја обезбеди претседателската номинација. Вкупни 161 делегат се во играта во гореспоменатите четири држави.

Во понеделникот, на Бајден му недостигаа 113 делегати од потребните 1.968. Во игра на прелиминарните избори во Џорџија, Вашингтон, Мисисипи и Северномаријанските острови се 254 делегати.