Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги укина ограничувањата што досега ја спречуваа Украина да користи американско оружје за да изврши напади длабоко на руска територија, изјавија три извора запознаени со ова прашање, што означува значителна промена во американската политика во конфликтот меѓу Украина и Русија, пишува во неделата Reuters.
Украина планира да ги изврши првите напади со долг дострел во наредните денови, велат изворите, без да наведат детали од безбедносни причини.
Белата куќа одбила да коментира.
Потегот на Соединетите држави, нешто повеќе од два месецa пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапи на должност на 20. јануари, доаѓа по неколкумесечните барања на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ѝ се дозволи на украинската војска да користи американско оружје за удари врз наводно воени цели длабоко на територијата на Русија.
Ваквиот чекор Бајден го презел по веста за наводното распоредување на севернокорејски војници на страната на Русија, која ги вознемири и Киев и Вашингтон.
Според изворите, првите длабоки удари најверојатно ќе бидат изведени со помош на ракети ATACMS, кои имаат дострел до 300 километри.
Иако некои американски официјални лица изразија сомневање дека овластувањето за употреба на оружје со долг дострел ќе го промени текот на војната, одлуката може да ѝ помогне на Украина, бидејќи руските сили се повеќе напредуваат на бојното поле, како и го ставаат Киев во подобра преговарачка позиција кога а доколку се преговара за прекин на огнот, пишува Reuters.
Кон средината на октомври американската телевизија Fox News објави, цитирајќи неименуван функционер, дека и Пентагон и Комитетот за разузнавање на САД го советувале Вашингтон да не му дозволи на Киев да користи оружје доставено од САД за напади длабоко на територијата на Русија. Дозволувањето да се користат ракетите ATACMS нема да има стратешко влијание, туку би ризикувало натамошна ескалација меѓу Вашингтон и Москва, рекол цитианиот функционер.
Не е јасно дали Трамп ќе ја промени одлуката на Бајден кога ќе ја преземе функцијата. Новоизбраниот претседател долго време го критикуваше обемот на американската финансиска и воена помош за Украина и вети брз крај на војната, без да објасни како.
Сепак, некои републиканци во Конгресот го повикаа Бајден да ги олабави правилата за тоа како Украина може да го користи оружјето што и е дадено од САД.
Уште во октомври портпароолот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека во Москва сметаат дела западните земји кои ја снабдуваат Украина со оружје веќе донеле решение за напад со ракетите ATACMS со долг дострел врз цели длабоко на руска територија, и предупреди дека Русија „соодветно ќе одговори“ доколку САД го одобрат користењето на нивното оружје за таквите напади.
Рускиот претседателот Владимир Путин на крајот од октомври изрази надеж дека во НАТО го „слушнале“ неговото предупредување за можните последици од дозволувањето на Украина да користи ракети со долг дострел доставени од Запад, за напади длабоко во територија на Русија. Претходно Путин рече дека Москва ќе ја третира секоја таква агресија како директен напад од страна на земјите кои го испорачувале таквото оружје. Во услови на зголемено учество на Западот во конфликтот во Украина, рускиот претседател предложи и преиспитување и измена на националната нуклеарна доктрина.
Русија предупреди дека ќе го смета потегот за лабавување на ограничувањата за употребата на американско оружје од Украина како голема ескалација. Москва предупреди дека за лансирање на ваквите ракети неопходно е присуство на теренот на специјалисти за манипулирање со таквите софистицирани системи, како и дека е неопходна сателитска поддршка за прецизно наведувани гаѓања што на Киев може само да му ја овозможи НАТО, што претставува опасна ескалација и вовлекување директно во судирот.