![bajden netanjahu](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/bajden-netanjahu.jpg?resize=696%2C468&ssl=1)
Американскиот претседател Џо Бајден му кажал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата дека Израел не треба да продолжи со воена операција во Рафах без план за гарантирање на безбедноста на повеќе од милион луѓе кои се засолнија таму од офанзивата на израелската војска, соопшти Белата куќа.
Бајден телефонски разговарал со Нетанјаху неколку дена откако американскиот претседал изјави за новинарите дека одговорот на Израел во палестинската енклава Појасот Газа е „претеран“.
Разговорот, исто така, беше фокусиран на тековните напори да се обезбеди ослободување на заложниците киднапирани од Хамас за време на нападот на Израел на 7. октомври, соопшти Белата куќа.
Висок претставник на администрацијата на Бајден вели дека разговорот траел околу 45 минути.
Агенциите за помош велат дека нападот врз Рафах би бил катастрофа. САД претходно соопштија дека не поддржуваат копнена офанзива врз овој град на самата граница со Египет, предупредувајќи дека таквата операција, доколку не е правилно планирана, се заканува со „катастрофа“.
Нетанјаху во интервју емитувано во неделата за американската телевизиска мрежа ABC News рече дека израелската војска ќе обезбеди „безбеден премин за цивилното население“ пред очекуваниот напад врз преполниот јужен град Газа, отфрлајќи ги стравувањата од „катастрофа“.
„Победата е на дофат. Ние ќе го направиме тоа. Ќе се соочиме со преостанатите терористички единици на Хамас и Рафах, последното упориште, но ќе го направиме тоа… Ќе го направиме тоа така што ќе обезбедиме безбеден премин за цивилното население за да можат да си заминат. Разработуваме детален план за тоа. Не сме несериозни во врска со тоа“, додаде Нетанјаху.
Израелскиот премиер ги спомна областите северно од Рафах кои се „исчистени“ и може да се користат како безбедни зони за цивилите.
Властите на Хамас во Газа предупредија на можни „десетици илјади“ жртви во Рафах, додека шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, им се придружи на другите меѓународни повици велејќи дека офанзивата таму „ќе предизвика неискажлива хуманитарна катастрофа“.