Кандидатот на Демократската партија на американските претседателски избори на 3-ти ноември, поранешниот п на САД, Џо Бајден, кој во јавноста се немаше појавено од март, најави во петокот дека ќе ја продолжи кампањата на теренот во клучните сојузни држави, откажувајќи се од најавата дека нема да одржи предизборни собири.
„Ќе патувам низ земјата, каде тоа ќе биде можно почитувајќи ги сите епидемиолошки правила на собирите поради ограничувањето на ширењето на коронавирусот“ изјави Бајден.
Ваквата промена во начинот на водењето на кампањата преку мали собири како и онлајн-конференции кои го заговараше Демократската партија се толкува како сознание дека републиканскиот претседател Доналд Трамп сериозно го намалил водството Џо Бајден во истражувањата на јавното мнение.
Претходно Трамп беше жестоко критикуван од демократите дека не ги почитува епидемиолошките мерки затоа што се залагаше за директна комуникација со избирачите, па така и големите глобални медиуми и деновиве ги критикуваа републиканците за собирите во текот на националната конвенција дека наводно биле побројни отколку што предвидуваат прописите и дека не се почитувале епидемиолошките мерки.
„Едно од нештата кои ги размислуваме е да одам во Висконсин и Минесота, да минам извесно време во Пенсилванија и Аризона“, додаде Бајден, кој смета дека овие сојузни држави може да го определат исходот на претседателските избори.
Бајден малку подоцна во емитуваниот разговор за телевизиската мрежа MSNBC го критикуваше Трамп дека наводно се обидува политички да профитира од протестите и безредијата во градот Кеноша во Винсконсин, по полициското ранување на афроамериканец при обид за приведување.
„Мислам дека тој во тоа гледа политичка прилика. Тој смета дека ќе има поголемо насилство, а не дека ќе се намалува“, додаде Бајден.
По тешкото ранување на 29-годишниот Џејкоб Блејк во Кеноша избувнаа жестоки протести, но кои се претворија во масовни насилства, грабежи и подметнувања пожари на јавни и приватни имоти, што од друга страна предизвика самоорганизирање на локалното население за заштита на своите сопственост, а во еден таков сѐ уште неразјаснет инциден на бензинска пумпа убиени се две лица а едно е тешко рането за што е осомничен и уапсен 17-годишник.
Гувернерот на државата Висконсин, Тони Еверс, сопартиец на Џо Бајден од Демократската партија, поради безредијата прогласи полициски час кој ќе биде на сила до 30-ти август и ја активираше Националната гарда, а во средата се согласи со предлогот на републиканскиот претседател Доналд Трамп за испраќање на сојузните служби за спроведување на редот како засилување во Кеноша, град со 170.000 жители на езерото Мичиген.
Како потврда на своите тврдења Бајден ја наведе изјавата на советничката на Трамп, Килиен Конвеј, која претходно во четвртокот изјави дека од она што се случува во Висконсин на гласачите им станува јасно кој претседателски кандидат е порешителен да преземе мерки за одржување на редот и заштита на безбедноста на граѓаните.
„Кога претставник на претседател кажувал нешто такво? Тоа е долевање масло во огнот“, оцени Бајден.
Конвеј инаку алудираше дека Бајден цело време искажуваше поддршка за демонстрантите во текот на антирасистичките и протести против полициската бруталност кои започнаа во мај по полициското убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис а кои прераснуваа во судири со полицијата и масовни грабежи и насилства. Наспроти него, Трамп го насочи вниманието на тоа дека некои од демонстрантите ги кршат законите загрозувајќи ја општата безбедност извршувајќи злосторства, критикувајќи ги притоа остро локалните власти особено онаму каде што се демократите, дека смислено ги толерираат ваквите појави и не преземаат посилни мерки.