Бајден најави нови санкции за Москва: Ниту една руска финансиска институција нема да биде безбедна

Американскиот претседател Џозеф Бајден воведе нови санкции кон Русија, кои се насочени кон руските финансиски институции и државниот долг на Москва, со што ги спречи руските власти да пристапат до западните финансии.

Тој во Белата куќа рече дека Русија планира да оди понатаму и да изврши голем напад врз Украина и дека САД имаат подготвени нови мерки во случај Москва да продолжи со она што Бајден го нарече „агресија“ во Украина.

Санкциите беа наметнати на Промсвјазбанка и опфаќаат 17 нејзини филијали, вклучително и финансиски и технолошки компании, соопшти Стејт департментот.

Висок претставник на американската претседателска администрација изјави дека се воведени санкции против директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников и неговиот син Денис, првиот заменик началник на кабинетот на извршната канцеларија на рускиот претседател Сергеј Кириленко и неговиот син Владимир, а извршниот директор на Промсвјазбанка Пјотр Теут и на неговите роднини.

Бајден нагласи дека рестриктивните мерки за правните субјекти стапиле на сила од вчера, додека оние што ги воведе „руската елита и нивните семејства“ од денеска.

Висок функционер на американската администрација вчера објави дека цел на американски санкции ќе бидат и руски „Сбербанк“ и „ВТБ“, доколку Москва продолжи со „инвазијата“ на Украина. Истиот функционер предупреди дека ниту една руска финансиска институција нема да биде безбедна од санкции.