Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот категорично ја бранеше својата одлука за ставање крај на американската дводецениска војна во Авганистан, и покрај острите критики за хаотичната евакуација одбележана и со смртоносниот напад на аеродромот во Кабул.
„Искрено ви велам дека сум убеден дека тоа е добра, мудра одлука, најдобрата одлука за Америка“, изјави американскиот претседател во обраќањето од Белата куќа.
„Предолго бевме во војна“, додаде Џо Бајден и додаде дека изборот бил „едноставен по договорот кој го постигна неговиот претходник на претседателската должност Доналд Трамп со талибаните во 2020 година.
„Или да се продолжи обврската која ја презема претходната администрација и да се напушти Авганистан или да се каже дека не заминуваме и да испратиме десетици илјади војници во војна. Вистинскиот избор беше меѓу заминувањето и ескалацијата“, рече Бајден во говорот пренесува на телевизиските мрежи.
Евакуацијата минатиот четврток ја одбележа нападот на џихадистичката групација Исламска држава во кој на кабулскиот авион беа убиени речиси 200 лица, меѓу кои и 13 американски војници. САД потоа изведоа напад со беспилотно летало и убија двајца припадници на Исламската држава, предупредувајќи дека тоа не е последниот напад.
Бројни американски пратеници го повикуваа Бајден да го продолжи рокот за заминување на 31-ви август, за да може колку е можно повеќе Американци и Авганистанци да успеат да го напуштат Авганистан. Бајден во врска со тоа рече дека не станувало збор за самоволно одреден краен рок за повлекување, туку дека тој е почитуван за да се спасат животи.
„Ја преземам одговорноста за таа одлука. Сега некои говорат дека требало порано да се почне со евакуациите за тие да бидат спроведени поуредно. Го почитувам тоа, но не се согласувам. Дури евакуациите да започнаа и во јуни или јули, повторно ќе имавме луѓе коишто во последниот момент ќе се обидоа да се качат на авионите“, рече Бајден.
Американскиот претседател рече и дека според договорот постигнат меѓу САД и талибаните во катарска Доха, од затворот биле ослободени повече од 5.000 затвореници, вклучително и некои од највисоките талибански команданти. За волја на вистината, сепак, ослободувањето на затворениците од авганистанските затвори, беше првиот чекор на израз на добра волја кој сега соборената влада на Авганистан го направи на почетокот од меѓуавганистанските мировни преговор.
„Во моментот кога ја преземав (претседателската) должноста, талибаните беа во најсилната воена позиција од 2001 година, контролирајќи или загрозувајќи речиси половина од територијата на земјата“, се правдаше Бајден.
Исто така, Бајден ја критикуваше неспособноста на авганистанската влада да им пружи отпор на талибаните.
Во обраќањето во вторникот, американскиот претседател го пофали „извонредниот успех“ на мисијата за евакуација на Американците и сојузниците од Авганистан. Од 14-ти август, кога талибанските сили започнаа со продорот во Кабул а ден подоцна и речиси без отпор ја преземаа власта, американските и авионите на сојузниците евакуирале над 123.000 цивили од кабулскиот аеродром.
„Ниту една земја никогаш не извела нешто слично во историјата. Извонредниот успех на оваа мисија е остварен благодарејќи на неверојатните храброст и алтуризам на американската војска, на нашите дипломати и на нашите разузнавачки професионалци“, истакна Бајден.
САД се решителни да ги евакуираат Американците кои останале во Авганистан, чијашто бројка се проценува меѓу 100 и 200 лица, додаде Бајден.