Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот ја назначи долгогодишната дипломатка Џули Тарнер за специјален пратеник за човекови права во Северна Кореја, со што ја пополни позицијата која беше празна во текот на целиот мандат на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Џули Тарнер доаѓа на споменаата позиција од должноста директор на Канцеларијата за Источна Азија и Пацифик во Одделот за демократија, човекови права и труд на Стејт департментот, соопшти Белата куќа, додавајќи дека Тарнер зборува корејски и претходно работела на прашањата за човековите права во Северна Кореја, како специјален помошник во канцеларијата на претставникот.
Местото на специјален пратеник за човекови права е празно од јануари 2017 година, односно од времето кога поранешниот претседател Доналд Трамп се обиде да воспостави односи со Пјонгјанг, трипати се сретна со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун. Ова доведе до смирување на тензиите меѓу двете земји, но не резултираше со долгорочен договор.
Амбасадорската позиција беше утврдена со закон од 2004 година за да се изврши притисок врз Северна Кореја, една од најавторитарните земји, за прашањата за човековите права.
Тензиите меѓу Северна Кореја и нејзиниот јужен сосед, САД и Јапонија, се зголемија во последните месеци поради рекордниот број лансирања на проектили од Пјонгјанг во 2022 година, како реакција на неколкуте големи воени маневри на трите земји кои севвернокорајската страна ги доживува како подготовка на инвазија врз нејзината територија.
Во својот последен годишен извештај за состојбата со човековите права во Северна Кореја, Стејт департментот наведе значителни прекршувања, вклучувајќи масовно затворање и принудна работа.