Бајден: Не поддржувам напади врз иранските нуклеарни постројки

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во средата дека не поддржува напад врз иранските нуклеарни локации како одговор на ракетниот напад на Иран врз Израел.

„Ќе разговараме со Израелците што да правиме, и сите седуммина (земјите од групата Г7) се согласуваме дека имаат право да одговорат, но треба да одговорат пропорционално“, им рече Бајден на новинарите.

Во вторникот Иран истрела повеќе од 180 балистички ракети кон Израел, кои Бајден претходно ги опиша како „неефикасни“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати за нападот.

Некои аналитичари велат дека одговорот на Израел најверојатно ќе биде поостар овојпат, што укажува дека може да ги таргетира иранските нуклеарни или нафтени постројки.

Бајден им рече на новинарите дека ќе бидат воведени дополнителни санкции кон Иран и дека наскоро ќе разговара со Нетанјаху.

„Очигледно е дека Иран скршна од патот“, рече тој.