Американската влада ги отфрли медиумските шпекулации дека америакнскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети Украина во текот на неговото патување во Европа следните денови.
„Патувањето ќе биде насочено на продолжување на обединувањето на светот за поддршка на украинскиот народ против инвазијата на (рускиот претседател Владимир) Путин на Украина, но нема планови за посета на Украина“, твиташе во неделата портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Во американските медиуми, исто така, се нагаѓаше дека Бајден по неговите состаноци во Брисел, би можел да ја посети Полска која граничи со Украина. Но Псаки објави дека дополнителните поединостите од патувањето на претседателот во Европа ќе бидат објавени подоцна.
Американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, исто така, за CNN изјави дека не е запознаета со никакви разговори за патување во Украина. Додаде дека американската администграција издаде предупредување за своите граѓани да не патуваат во Украина, бидејќи таа „земја е во војна“.
Според Белата куќа, Бајден во среда ќе отпатува во Европа каде што во четврток ќе присиствува на засебните самити на НАТО и на Европската унија и на групата Г7 сите во Брисел. Ова ќе биде неговото трето патување во Европа, откако ја презема претседателската дожност во јануари 2021 година.