Бајден: Нема геноцид во Газа

Американскиот претседател Џо Бајден ги отфрли аргументите дека воената операција на Израел во Газа може да се опише како геноцид, повторувајќи ја поддршката на Вашингтон за Израел додека беше домаќин на настанот за месецот на еврејското американско наследство во Белата куќа.

Во понеделникот, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, објави дека бара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, како и за водачите на Хамас Јахја Синвар, Мохамед Диаб Ибрахим ал- Масри и Исмаил Ханије, обвинувајќи ги за „воени злосторства и злосторства против човештвото“.

Говорејќи во Белата куќа подоцна во текот на денот, Бајден го осуди потегот на МКС, како и одделните наводи на Меѓународниот суд на правдата на ОН дека акциите на Израел во Газа би можеле да бидат геноцидни.

„Да бидам јасен, спротивно на наводите против Израел од Меѓународниот суд на правдата, она што се случува не е геноцид. Ние го отфрламе тоа“, рече Бајден.

Палестинската милитантна група Хамас изврши упад во Израел на 7 октомври, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, а 250 беа земени како заложници. Израелската влада одговори со започнување на голема воена операција во Газа, во која според Министерството за здравство на палестинската енклава загинаа над 35.000 луѓе, а речиси 80.000 други беа ранети. Израел вети дека ќе ја продолжи офанзивата додека Хамас не биде целосно елиминиран.

„Ние стоиме со Израел за да го отстраниме Синвар и останатите касапи на Хамас“, рече Бајден во понеделникот. „Сакаме Хамас да биде поразен. Работевме со Израел за да го оствариме тоа“.

Во јануари, привремената одлука на МСП, највисокиот суд на ОН во Хаг, му нареди на Израел да преземе чекори за да спречи геноцид и да ги подобри хуманитарните услови за населението во Газа. Тужбата, поднесена од Јужна Африка кон крајот на минатата година, го обвинува Западен Ерусалим за систематски воени злосторства во палестинскиот регион.

Ирска во март објави дека ќе го поддржи случајот на Преторија, нарекувајќи ги дејствијата на Израел во Газа „еклатантно кршење на меѓународното хуманитарно право во масовни размери“. Минатата недела, Египет, исто така, го повика Израел „да се усогласи со своите обврски како окупаторска сила“.