Американскиот претседател Џо Бајден изјави во вторникот дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху мора да ја промени својата влада, како и дека Израел во иднина не смее да одбие формирање палестинска држава.
Изјавата на Бајден дадена на донаторската вечер за неговата кампања за претседателските избори во 2024 година се толкува како нов сигнал за загриженоста на САД околу израелското разорување на палестинската енклава Појасот Газа каде животите ги загубија повеќе од 18.000 луѓе.
„Започнавме да ја губиме таа поддршка“, рече Бајден, алудирајќи на сѐ поголемата загриженост и критиките од меѓународната заедница поради големиот број цивилни жртви во Газа и неселективните гаѓања на цивилни цели од страна на израелската војска.
Американскиот претседател ја даде оваа изјава непосредно пред патувањето на неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Израел, каде што ќе се сретне со припадниците на тамошниот воен кабинет.
Нетанјаху претходно изјави дека Израел ужива американска поддршка со цел да го уништи радикалното исламистичко палестинско движење Хамас и за спасување на заложниците кои милитантите ги грабнаа од јужен Израел во нападот без преседан на 7-ми октомври, но дека сојузниците не се согласуваат околу тоа што ќе следи по оваа војна.
Бајден посебно го издвои израелскиот крајно десен политичар Итмар Бен-Гвир, министер за национална безбедност, велејќи дека ова е „најконзервативната влада во израелската историја“. „Тој (Нетанјаху) мора да ја промени владата. Оваа влада во Израел многу отежнува во сѐ“, додаде американскиот претседател.
Истакна и дека Израел „не може да ѝ каже не“ на палестинската држава на којашто се противат тврдолинијашите. Бајден рече дека „имаат можност да започнат да го обединуваат регионот…, но Биби (прекарот на Нетанјаху) мора да сфати дека мора да направи некои потези“.
Саливан претходно во вторникот рече дека во текот на посетата на Израел со тамошните функционери ќе разовара во врска со нивниот план за Појасот Газа по завршувањето на војната.