Бајден одби да одговори на прашањето за длабински напади во Русија, Трамп помладиот обвинува за обид да се започне светска војна

Американскиот претседател Џо Бајден одби да одговори на прашањата на новинарите во неделата кои го придружуваат на патувањето во Бразил за одлуката да му одобри на украинскиот претседател Володомир Заленски удари со американски ракети со долг дострел врз цели длабоко на територијата на Русија, објави службата за односи со јавноста на Белата куќа.

„Претседателот не одговори на поставеното прашање за украинската тематика по завршувањето на неговото обраќање“, се наведува во соопштението.

Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот досега одбија да одговорат на барањата  на медиумите за коментар, а и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, сѐ уште не ја коментираа информацијата којашто претходно во неделата доцна попладнето по средноевропско време ја објавија американските медиуми.

Весникот The New York Times и агенцијата Reuters, повикувајќи се на повеќе неименувани американски функционери објавија дека Бајден му го одобрил на Зеленски користењето на американските ракети со долг дострел за напади врз наводно воени цели длабоко на територијата на Русија.

Според претставниците на администрацијата во Вашингтон, првите удари во длабочина на Русија со ракетите ATACMS, веројатно ќе бидат изведени следните денови. Одлуката, по претходно ограничување на таквото користење на американските ракети, наводно Бајден ја донел по наводното и никогаш недокажано распоредување на „десет илјади“ севернокорејски војници во руската погранична област Курск кои наводно веќе стапиле во борби со украинските единици кои продреа во оваа област.

Речиси истовремено со американските медиуми и париски Le Figaro објави дека Франција и Велика Британија дале согласност ракетите со долг дострел – SCALP односно „Storm Shadow“, што овие земји на НАТО веќе му ги испорачуваат на Киев, да може да се користат за напади на територијата на Руската Федерација

Меѓутоа, ниеден од изворите на западните медиуми не споменува кој би оперирал со ваквите софистицирани вооружени системи, а уште помалку како Украина би ги добивале координатите за целите во Русија со што САД би потврдиле дека се најдиректно вклучени во конфликтот и одговорни за руските загуби.

По објавувањето на веста за дозволата што Бајден му ја дал на  Зеленски, синот на новоизбраниот американски претседател кој ќе ја преземе должноста на 20-ти јануари – Доналд Трамп помладиот, изјави дека воено-индустрискиот комплекс во САД сака да започне Трета светска војна пред неговиот татко да ја преземе власта во Вашингтон.

„Воено-индустрискиот комплекс се чини дека сака да се увери дека третата светска војна ќе биде започната пред татко ми да има можност да воспостави мир и да спаси животи“, напиша Трамп помладиот на платформата X коментирајќи го информациите за дозволата на претседателот Бајден за украински напади врз цели во Русија со американски проектили.

Истовремено и американскиот милијардер Дејвид Сакс се огласи со критика дека активностите на Бајден во последните два месеца од неговиот мандат водат кон ескалација војната во Украина.

„(Победникот на изборите во САД, Доналд) Трамп доби јасен мандат да стави крај на војната во Украина. Што прави Бајден во последните два месеца од неговиот мандат? Сериозно го ескалира“, напиша Сакс на својот профил на Х.

Истовремено, милијардерот го поставува прашањето дали целта на Бајден е да му ја предаде должноста на Трамп „во најлошата возможна ситуација“.

Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да нападне со американски ракети ATACMS длабоко во руска територија нема да биде пресвртница во конфликтот во Украина, објави единствениот национален медиум во САД, радиот станицата NPR, повикувајќи се на извор во американскиот Конгрес.

Според него, одлуката на Бајден нема да има значително влијание врз ситуацијата на бојното поле, каде руските единици последните месеци забрзано напредуваат. NPR забележува дека Украина има ограничена понуда на ваквите тактички балистички ракети ATACMS бидејќи тие веќе биле користени во конфликтот.

Претходно, Њујорк Тајмс објави дека американскиот претседател Џо Бајден одобрил напади на руска територија со тактички балистички ракети ATACMS. Американското Министерство за одбрана одби да коментира за дописникот на ТАСС за укинување на ограничувањата за употреба на американско оружје со долг дострел. Белата куќа и Стејт департментот се уште не одговориле на барањето на ТАСС за коментар.