Бајден ѝ оддаде почест на кралицата Елизабета пред погребот

AFP) (Photo by JOE GIDDENS/POOL/AFP via Getty Images)

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ оддаде почест на британската кралица Елизабета Втора во неделата, ден пред државниот погреб, појавувајќи се на балконот во Вестминстер Хол, додека редицата луѓе сѐ уште минува покрај нејзиниот ковчег.

Американскиот претседател е еден од бројните светски државници и членови на кралски семејства од цела Европа, Азија, Африка и Америка, кои ќе присуствуваат на државниот погреб во понеделник.

Стотици илјади луѓе се собрале во Лондон за да ѝ дадат последна почест на кралицата Елизабета Втора која почина на 8-ми септември на возраст од 96 години и стана најдолговечниот британски монарх со 70 години и 7 месеци минати на престолот.

Заземајќи го своето место на балконот во Вестминстер Хол заедно со сопругата Џил, Џо Бајден се прекрсти и накусо ја стави раката на срце, според снимките во британските медиуми.

Американскиот претседател подоцна ќе им се придружи на британскиот крал Чарлс Трети и на другите светски челници на приемот пред погребот.

„Нејзиното наследство ќе биде впишано со големи букви на страниците на британската историја и во приказната за нашиот свет“, истакна Бајден во пораката со сочувство по смртта на британската кралица.

Бајден е еден од 14-те американски претседатели во текот на седумте децении владеење на кралицата Елизабета Втора.