Бајден порача дека ќе користи сила „како последно средство“ против Иран

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе употреби (воена) сила како последно средство кое би го спречило Иран да дојде до нуклеарно оружје, на почетокот од неговата прва турнеја по Блискиот исток како претседател, откако претходно посетата ја започна со пораката до Израел, непомирливиот противник на Иран, за „непоколебливото“ пријателство на САД кон еврејската држава, но интересот е насочен кон неговата следна дестинација – Саудиска Арабија.

Зборувајќи во текот на интервјуто за израелската телевизија Keshet12 (Канал12), снимено пред да отпатува од Вашингтон во вторникот но емитувано во средата вечерта, Бајден порача дека ќе ја задржи иранската елитна Револуционерна гарда на исламската револуција (IRGC) на американскиот список странски терористички организации (FTO), дури и доколку тоа сосема го уништи нуклеарниот договор на шесте светски сили со Иран постигнат во Виена во 2015 година.

Запрашан дали неговите претходни изјави, во кои спомена дека ќе го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје, дека ќе употреби воена сила против Иран, Бајден одговори „Доколку тоа е последното средство, да“.

Иран цела деценија негира дека целта на неговата нуклеарна програма е да дојде до нуклеарно оружје, и дека таа е насочена за добивање енергија и за истражувачки медицински цели.

Во 2015-та Иран склучи договор со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и ЕУ со кој ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинувањето на децениските меѓународни санкции.

Но поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година еднострано ги повлече САД од договорот барајќи тој да биде проширен и на иранската ракетна програма и ги врати санкциите. Откако, во прв ред европските потписнички на договорот мораа да ги повлечат своите инвестиции од Иран поради страв од американските санкции и не успеаја да ја заштитат девастираната иранска економија, една година подоцна Техеран почна со суспендирање на своите обврски од договорот, особено во поглед на количеството и нивото на збогатување на ураниумот, како и модерните центрифуги за тој процес.

Западот стравува а Израел предупредува дека Иран веќе стасал до ниво на збогатување на ураниумот од кој е лесно да се дојде до нуклеарно оружје. Администрацијата на актуелниот американски претседател Џо Бајден вели дека е заинтересирана за заживување на нуклеарниот договор, но останува речиси на истите ставови како и претходната администрација, па досегашните преговори не дадоа никакви резултати.

 

Цврсто пријателство на САД и Израел

„Односите, според мене, се подлабоки и посилни од кога и да е“, рече Бајден по слетувањето на аеродромот „Бен-Гурион“, всушност меѓу Тел Авив и Ерусалим, каде беше дочекан од израелскиот претседател Исак Херцог и премиерот Јаир Лапид.

„Врските меѓу израелскиот и американскиот народ се длабоко всадени. Не морате да бидете Евреин за да бидете ционист“, додаде Бајден јасно изразувајќи поддршка за движењето кое на крај во 1948 година ја втемели Државата Израел на територијата на којашто еврејските корени досегаат во древното минато.

„Денеска, од северна Африка преку Средоземјето и сѐ до Заливот (Персискиот) дуваат ветровите на мирот“, изјави Херцог алудирајќи ја договорите кои Израел ги потпиша со неколкуте околни муслимански монархии со директно посредство на претходниот претседател Доналд Трамп во 2020-та. Тогаш во Белата куќа беа потпишани договори за нормализација на односите меѓу Израел со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко.

Таканаречениот Авраамов договор, наречен по личноста важна за сите три големи монотеистички религии, е третиот договор за нормализација на односите меѓу Арапите и Израелците по прогласувањето во 1948 година на тогаш далеку помалата од сега Држава Израел. Израел мировен договор со Египет потпиша во 1979, а со Јордан во 1994 година.

Посетата на Бајден, како што рече израелскиот претседател Херцог, ќе биде можност за разговори за заканата којашто смета Израел за еврејската држава и неговите сунитски соседи го претставува шиитски Иран и неговите регионални сојузници.

Херцог притоа го опиша Бајден како „вистински пријател“ и „жесток поддржувач“ на Израел.

По разговорите во четвртокот со Херцог и со најдолговечниот израелски премиер а сега лидер на опозицијата Бенјамин Нетанјах во Ерусалим, Бајден во петокот на Западниот брег (на реката Јордна) ќе се сретне со претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас.

 

Конзулат во источен Ерусалим

По пристигнувањето во Ерусалим, Бајден прво беше во обиколка на израелскиот противракетен одбранбен систем „Челична купола“ кој САД финансиски го помагаа, а потоа го посети музејот на холокаустот Јад Вашем и положи венец за жртвите во нацистичкиот геноцид врз Евреите.

Се очекува дека Бајден во петокот на средбата со Асад ќе го поддржи ткн „решение со две држави“, палестинска држава покрај Израел, за Палестинците да уживаат ниво на безбедност, слободи и можности. Но мировниот процес во таа насока меѓу Израелците и Палестинците е замрзнат во 2014 година, особено по прогласувањето на Ерусалим за „единствена историска и недделива“ израелска престолнина, додека Палестинците го сакаат источен Ерусалим, каде што претежно живеат и анектиран во ткн Шестдневна војна од 1967-ма за главен град на нивната идна држава.

Од Белата куќа, пред патот на претседателот, ги брифираа медиумите дека Бајден би можел со оваа посета повторно да го покрене процесот.

Палестинците од САД, покрај другото, бараат Палестинската ослободителна организација (PLO) да биде симната од листата терористички организации (FTO). Израелците, пак, од посетата на Бајден очекуваат ангажман на Ерусалимската декларација., изјава за Американско-израелското стратешко партнерство.

канскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека Вашингтон сака конзулат за Палестинците во Ерусалим, алудирајќи на мисијата која ја затвори поранешната американска администрација на претседателот Доналд Трамп.

Актот за амбасада во Ерусалим од 1995 година е јавен закон во САД, донесен од 104-от состав на конгресот на 23-ти октомври истата година, и беше прифатен во Сенатот со 93 наспроти 5 гласови, и во Претставничкиот дом со 374 наспроти 37 гласови. Законот остана без потпис од 8-ми ноември 1995 година. Со овој закон всушност се признава Ерусалим за главен град на Израел, и со него требаше да се определат средства за преселување на американската амбасада до 31-ви мај 1999 година.

И покрај усвојувањето, законот му овозможуваше на претседателот на САД да се повикува на шестмесечно откажување од негова примена врз основа на „националната безбедност“. Ваквата можност редовно ја користеа претседателите Бил Клинтон, Џорџ В. Буш и Барак Обама. На 5-ти јуни 2018-та Сенатот едногласно ја усвои резолуцијата по повод 50-годишнината од „повторното обединување“ на Ерусалим со 90 гласови „за“. Резолуцијата го потврди законот за амбасада до Ерусалим и го повика претседателот Трамп и сите официјални претставници на САД да го признаат Ерусалим за израелска престолнина и да наложат преселување на амбасадата од Тел Авив во Светиот град.

Таквиот американски потег тогаш предизвика жестоки протести во Ерусалим со многу палестински жртви, како и остри осуди од многу муслимански земји во светот.