Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот рече дека „нема намера да си замине“ наспроти повиците од многу демократи да ја прекине својата кандидатура за реизбор, користејќи ја прославата на Денот на независноста за да воззврати на сомнежите за неговата издржливост и когнитивните способности.
Лошиот настап на 81-годишниот демократ во дебатата на 27-ми јуни со републиканскиот ривал Доналд Трамп значи дека секое негово појавување сега внимателно се следи. Многу демократски гласачи се загрижени дали тој ќе може да го задржи исцрпувачкото темпо на работа во следните четири ипол години, а некои во неговата Демократска партија веќе отворено го повикаа да се повлече.
Бајден беше домаќин на годишнате прослава на Денот на независноста во Белата куќа во четвртокот, вклучително и приредувањата скара за неколку илјади активни припадници на воените слуќби и нивните семејства.
На приемот едно лице од публиката извика: „Продолжете да се борите! Ни требате!“ на што американскиот претседател му одговори: „Можете да сметате на мене. Немам намера да си заминам“, повторувајќи го неговото ветување дека ќе остане во трката и покрај зголемените повици за негово повлекување.
Ебигејл Дизни, внуката на славниот Волт Дизни кој ја основаше компанијата што го носи неговото име, е последната во низата донатори кои изјавија дека ќе престанат да ја финансираат Демократската партија додека Бајден не се откаже од трката, изјави таа за телевизиската мрежа CNBC News во четвртокот.
Потпретседателката Камала Харис е водечки кандидат за пополнување на местото на Бајден на изборите на 5-ти ноември, доколку актуелниот претседател се откаже, велат извори од партијата.
Десетици демократи во Претставничкиот дом внимателно следат и се подготвени да побараат од Бајден да се повлече доколку покаже физичка или ментална несигурност во интервју за телевизијата ABC News во петокот, изјавил неименуван партиски извор за Reuters.
Доколку биде реизбран, Бајден би имал 86 години на крајот од вториот претседателски мандат. Некои поранешни поддржувачи го повикуваат да се повлече за да ја сочува својата политичка оставнина и да ги намали шансите на Трамп да добие втор мандат. Со оглед на тоа дека до изборите има само четири месеци, одлуката мора да се донесе многу брзо, велат од неговата партија.