Американскиот демократски претседател Џо Бајден потпиша во вторникот извршни укази со коишто ја поништува доселеничката политика на својот републикански претседател Доналд Трамп.
„Не создавам нов закон, ја отстранувам лошата политика. Америка е побезбедна, посилна, понапредна кога има чесен, уреден, похуман доселенички систем“, изјави Бајден за новинарите.
Станува збор за извршни укази кои се занимаваат со регионалната миграција, легалната имиграција и спојувањето на семејствата на илегалните мигранти.
Со еден од указите, администрацијата на Бајден се обврзува дека ќе формира работна група задолжена за спојување на семејствата кои ги раздвои указот на претходната администрација, односно на децата на илегалните имигранти. Станува збор за 5.500 деца кои се одвоени од нивните родители кои биле уапсени при нелегално преминување на границите на САД.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во вторникот изјави за новинарите дека „ревизијата ќе ја процени штетата којашто ја предизвиала претходната политика“.
„Сакаме да воспоставиме доселенички процес кој е хуман, морален, кој ги разгледува барањата на бегалците, барањата на луѓето кои влегуваат во оваа земја така што кон нив ќе се постапува како кон човечки суштества. За тоа ќе биде потребно извесно време. Тоа нема да се случи преку ноќ“, призна Псаки.
Бајден се обврзува дека ќе развива стратегија со којашто ќе се бори против незаконската миграција на јужните граници на САД. Но истовремено бара преиспитување на прописите донесени во мандатот на Трамп кој на посиромашните имигранти им ги отежнуволо остварувањет на траен престој во САД.
Исто така, со потпишувањето на извршниот указ се одредува и ревизија на Протоколот за заштита на мигрантите (MPP), програма според која 65.000 баратели на азил беа вратени во Мексико таму да ги чекаат рочиштата на американските судови за нивните барања за азил. Повеќето од нив се вратиле во своите матични земји, но некои останаа во импровизираниот камп во близина на американско-мексиканската граница.
„Политиката на администрацијата на Трамп на границата предизвика хаос, свирепост и збрка. Тие политики ја намалија безбедноста на нашите заедници, ги казнуваа барателите на азил кои бегаат од насилство, ја дестабилизираа безбедноста ширум западната хемисфера“, наведува во соопштение Белата куќа.
На потпишувањето на указите присуствуваат потпретседателката Камала Харис, и новоименуваниот министер за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас, првиот хиспаноамериканец на чело на овој ресор. Токму Мајоркас ќе биде задолжен за надзор над миграциските политики на САД.
Меѓутоа, во спроведувањето на овие миграциски политики Бајден се соочува со логистички предизвици и отпорот на републиканците, предупредуваат стручњаците за мигрантски политики.
Тужбите на конзервативните групи би можело значително да ја забават оваа агенда на Бајден. Минатата седмица сојузен судија привремено го блокираше еден од неговите први мигрантски потези: стодневното суспендирање на депортациите, откако сојузната држава Тексас, предводена од републиканците, побара забрана на тој чекор на администрацијата,
Аналитичарите потсетуваат дека Трамп во 2016 година победи на изборите во кампања во која главна тема му беше безбедноста на границите од нелегалните миграции. Доколку Бајден не успее да го спречи остриот раст на илегалната имиграција на американско-мексиканската граница, може да ги поттикне републиканците на изборите за Конгресот во 2022 година, оценува Сара Пирс, политичка аналитичарка од Институтот за миграциска политика во Вашингтон.