Бајден повторно ја истакна силната поддршка на Израел

Претседателот на САД, исто така, изрази загриженост поради тоа што Американците се држени како заложници од страна на Хамас, исламистичка групација, чијашто намера, како што рече, е „да убива Евреи“.

„Има моменти во овој живот, и мислам на тоа буквално, кога чистото зло е ослободено врз овој свет. Народот на Израел доживеа еден таков момент овој викенд“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.

Ги опиша извештаите „од кои се превртува желудникот“ за „заклани родители“, „убивања бебиња“, „усмртувања цели семејства“ и „жени силувани, нападнати и прикажувни како трофеи“.

Бајден рече дека Хамас се заканил дека ќе ги погуби заложниците, вклучително и преживеаните од нацистичкиот холокауст, што ќе го прекрши „секој кодекс на човечки морал“. Истакна дека бруталноста на групата и нејзината „крвожедност“ е потсетник на „најлошото дивјаштво на ИСИС (Исламска држава)“.

„Ова е тероризам, но, за жал, за еврејскиот народ, тоа не е ново“, рече американскиот претседател. „Инцидентот ги извади на површина сеќавањата на антисемитизмот и геноцидот врз еврејскиот народ“, додаде тој.

Бајден ѝ порача на секоја земја или организација којашто размислува да ја искористи ситуацијата: „Имам еден збор: немојте“, очигледно мислејќи на Иран и групите поддржани од Техеран како либанскиот Хезболах.

Во вторникот, Израел го бомбардираше Појасот Газа на најтешкиот начин во 75-годишната историја на конфликтот со Палестинците, срамнувајќи цели населби со земја дури и кога Хамас се закануваше дека ќе погуби израелски заложник за секој уништен дом.

Бајден зборуваше со новинарите по неговиот трет телефонски разговор за четири дена со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Ја спомна американската воена помош што се испраќа за Израел и рече дека ќе побара од Конгресот итна акција.

Американскиот претседател рече дека Хамас ги држи американските граѓани како заложници и дека му наредил на својот тим да сподели разузнавачки информации за да помогне во напорите за враќање на заложниците.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан на одделен брифинг им изјави на новинарите дека САД веруваат дека 20 Американци исчезнале во конфликтот.

Белата куќа во понеделникот соопшти дека очекува што е можно поскоро да ги исполни барањата на Израел за дополнителна безбедносна помош. Бајден вети ракети-пресретнувачи што ги користи израелскиот противракетен систем „Железна купола“, муниција и удвојување на американското воено присуство во регионот.

САД немаат намера да распоредат американски воени сили на теренот, изјави претходно за новинарите портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби. Израел повика досега рекордни 300.000 свои резервисти во служба.

Бајден и Нетанјаху, и покрај нивните разлики во ставовите за иднината на Блискиот исток, се најдоа во воено партнерство по повеќекратните напади на милитантите на Хамас од Газа врз Израел. Американскиот претседател, исто така, понуди поддршка за американските Евреи и рече дека треба да им се дозволи да се поклонуваат во мир во САД. Бајден минатиот месец изјави дека антисемитизмот во земјата пораснал на рекордно ниво.

Амбасадата на Израел во Вашингтон соопшти дека бројот на загинати од нападот на Хамас викендот надмина 1.000, многу повеќе од кој било модерен исламистички напад на Запад по нападите врз САД на 11. септември 2001 година.

Саливан во вторникот рече дека Соединетите држави разговараат со израелските официјални лица и други за идејата за безбеден премин за цивилите во Газа по израелските воздушни напади како одговор на нападите на Хамас.

„Фокусирани сме на ова прашање, консултациите се во тек“, рече Саливан на прес-конференција во Белата куќа.

Портпаролот на Стејт департментот изјави за новинарите на брифинг дека државниот секретар Антони Блинкен планира да го посети Израел во четврток за да се сретне со високи израелски лидери.

„Тоа ќе биде порака за солидарност и поддршка“, рече портпаролот Метју