Бајден повтори дека нема да испрати војници во Украина поради ризик од војна

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во четвртокот по локално време дека нема да испраќа американски војници во Украина, вклучително и за евакуација на сонародниците, објаснувајќи дека доколку американските и руските војници пукаат едни кон други ќе започне светска војна.

„Не постои такво (сценарио). Тоа е светска војна, кога Американците и Русите би пукале едни во други“, одговори Бајден во интервјуто за телевизиската мрежа NBC News на прашањето кое сценарио би можело да го натера да испрати војници за евакуација од Украина.

Американскиот претседател притоа изрази уверување дека неговиот руски колега по должност  Владимир Путин е „доволно разумен“ да избегне дејствија кои би нанеле штети на Американците, доколку ситуацијата околу Украина нагло ескалира.

Притоа Бајден ги повика Американците веднаш да ја напуштат Украина, предупредувајќи дека ситуацијата во оваа земја може да добие „налудничав пресврт“ во секој момент, како и поради брзото ширење на коронавирусот во земјата.

Претходно слична препорака за американските граѓани издаде и Стејт департментот. За оние американски државјани кои ќе решат да останат во Украина, министерството за надворешни работи препорачува „зголемена претпазливост во врска со криминал, граѓански немири или потенцијални борбени дејствија“ во случај ситуацијата да ескалира.

 

Продолжен конфликт

Истовремено, првиот заменик на американскиот државен секретар Венди Шерман за телевизијата MSNBC рече дека САД и натаму се надеваат дека ситуацијата околу Украина ќе биде решена преку дипломатија.

„Се надевам дека овој прозорец нема да се затвори, бидејќи во спротивно ќе има последици. Нема да запреме со нашите напори за изнаоѓање дипломатско решение“, рече Шерман одговоарајќи на прашањато дали се намалува просторот за шансите на дипломатијата.

Русија, доколку се реши на сеопфатна инвазија, може да ја совлада Украина, но тогаш веројатно ќе започне бунт и герилска борба, смета Шерман.

„Русија ја има најголемата конвенционална војска во Европа. Нема сомнеж дека доколку ја избере опцијата за инвазија врз Украина во кој и да е формат, ќе има последици за Украина. Но тоа нема да заврши за ден или два. Украинците ќе се спротистават, веројатно ќе започне вооружен бунт“, смета Шерман одговарајќи на прашањето за тоа како од аспект на САД може да заврши евентуален судир меѓу Русија и Украина.