Бајден разговараше со Нетанјаху, верува дека судирот наскоро ќе заврши

Американскиот претседател Џо Бајден по телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева дека наскоро ќе заврши најновиот циклус насилства меѓу Израелците и Палестинците.

„Моите очекувања и надежи се дека ова ќе заврши наскоро, но Израел има право да се брани“, рече Бајден за новинарите во Белата куќа ноќта кон четвртокот по средноевропско време.

Бајден не ги појасни причините за својот оптимизам. Рече дека неговиот тим за нацинална безбедност бил во чести контакти со колегите од Израел, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати за да се обидат да постигнат решение за конфликтот.

Наилството избувна минатиот петок на платото пред ерусалимската џамија Ал Акса, во атмосфера на сѐ поголем гнев поради потенцијалното иселување на Палестинците од квартот Шеик Џара во источен Ерусалим од нивните домови кои се на земјиште кое го бараат еврејските доселеници. Судирите ескалираа во понеделникот.

Во соопштението на Белата куќа за разговорот меѓу Бајден и Нетанјаху се наведува дека американскиот претседател ги осудил ракетните напади од движењето Хамас и другите милитантни групи од палестинската енклава Појасот Газа врз цели во Израел и „ја изрази својата цврста поддршка за израелската безбедност и легитимното право на Израел да се брани себеси и својот народ, додека ги штити цивилите“.

„Исто така, наведе дека САД го поттикнуваат патот кон обновување на одржлива смиреност. Убеден е дека Ерусалим, градот од големо значење за луѓето од целиот свет кои имаат вера, мора да биде место на мирот“, се додава во соопштението на Белата куќа.

Двајцата челници се согласиле дека ќе останат во личен контакт следните денови и дека ќе одржуваат блиски консултации меѓу своите тимови, се додава.