Американскиот претседател Џо Бајден во средата, во своето прво јавно обраќање по повлекувањето од претседателската трка против Доналд Трамп, рече дека се откажал од вториот мандат поради загриженост за иднината на земјата, па затоа „го предал факелот на новата генерација“.
Во своето обраќање од Овалната канцеларија на Белата куќа, актуелниот претседател се повика на неговите претходници Томас Џеферсон, Џорџ Вашингтон и Абрахам Линколн додека зборуваше за половина век поминат во политиката и на бројни јавни функции.
„Имам голема почит и благодарност за оваа функција, но повеќе ја сакам мојата земја“, рече Бајден.
Со седмици наназад 81-годишниот Бајден се спротивставуваше на жестокиот притисокот од демократите да се повлече од претседателската трка, особено по катастрофалниот настап во телевизиското соочувањ со Доналд Трамп на 27 јуни по што конечно по бројните гафови и инциенти беше поставено прашањето за неговото ментално и физичко здравје и дали би можел да ги води САД до крајот на уште еден мандат. Во еден момент тој дури изјави дека „само Семоќниот Бог може да го убеди да замине“.
Меѓутоа, откако внатрешните анкети покажаа дека тој може да загуби од Трамп на ноемвриските избори и да влијае на лошиот резултат на Демократската партија на изборите за Претставничкиот дом и за Сенатот, тој сепак одлучи да се повлече.
„Одлучив да го предадам факелот на новата генерација. Тоа е најдобриот пат напред и најдобриот начин да ја обединиме нашата нација“, рече Бајден.
Во 11-минутниот говор тој постојано ја споменуваше наводната опасност што им се заканува на Американците по 5 ноември, мислејќи на можноста за победа на Трамп, иако не го кажа неговото име.
Со повлекувањето од трката, нагласи Бајден, тој сака да помогне „да се залечат раните“ во Демократската партија и да се обединат демократите за да победат на изборите.
„Ништо не може да застане на патот за зачувување на нашата демократија. Ова ги вклучува личните амбиции“, рече тој.
„Големата работа во Америка е што со неа не управуваат кралеви или диктатори, туку народ. Историјата е во вашите раце. Моќта е во вашите раце. Судбината на оваа земја е во вашите раце“, истакна американскиот претседател.
Покрај Бајден, во Овалната соба, надвор од видокругот на камерата, беа и членовите на неговото потесно семејство и високи советници.
Последниот актуелен претседател кој не се кандидираше за реизбор беше Линдон Џонсон во 1968 година, кога ненадејно се повлече од кампањата поради жестоките критики за Виетнамската војна. На листата на претседатели кои воопшто не побараа втор мандат се и Џејмс К. Полк, Џејмс Бјукенан, Радерфорд Б. Хејс, Калвин Кулиџ и Хари Труман.
Додека на крајот на јуни, некои демократи ги доведуваа во прашање когнитивните способности на Бајден, многу членови на партијата сега го фалат неговиот карактер и резултатите од неговиот претседателски мандат, откако Бајден во меѓувреме објави дека ќе ја напушти Белата куќа следниот јануари.
„Никаде на друго место во светот не може дете што пелтечи, дете со скромни почетоци во Пенсилванија и Делавер, да стигне до Овалната соба како претседател на Соединетите држави. Но, еве ме, еве ме“, рече Бајден.
Во наредните месеци ќе се фокусира на остатокот од мандатот. Во својот говор, Бајден вети дека ќе ја зајакне НАТО алијансата, ќе го спречи рускиот претседател Владимир Путин да ја преземе Украина, ќе преземе дополнителни чекори кон постигнување договор за прекин на огнот во Газа, за што ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток, и ќе изврши притисок преку реформата на Врховниот суд.
Последниот говор во Овалната соба, пред овој, Бајден го одржа на 15-ти јули, кога ги повика Американците на умерена политичка реторика, по обидот за атентат врз Доналд Трамп.
Политичката кариера на Бајдеон започна во 1972 година, кога беше избран во Сенатот на 29-годишна возраст, со што стана шестиот најмлад сенатор. Неговиот мандат во Белата куќа официјално завршува на 20-ти јануари 2025 година, како најстар американски претседател, кој дотогаш ќе има 82 години.