Бајден: САД се целосно посветени на иднината на Африка

Американскиот претседател Џо Бајден најави милијарди американски долари помош и вложувања во Африка на самитот со африканските челници во Вашингтон.

„САД ставија сѐ на коцка за иднината на Африка“, рече Бајден на самитот кој се одржува од 13-ти до 15-ти декември во Вашингтон со учество на 49 африкански челници.

Ова е првиот таков состанок организиран од американска страна во последните осум години. Целта му е да се сузбие руското влијание во Африка, а особено сѐ поголемото присуство на Кина на овој континент.

Во Вашингтон го обвинуваат претходниот претседател Доналд Трамп дека ги заладил односите со многу африкански челници со своите политички одлуки и навредливи коментари. Бајден, пак, зборуваше оптимистички за подобри односи со Африка и од самитот порача дека „кога Африка е успешна, успешни се и САД…. искрено зборувајќи, успешен е и целиот свет“.

Бајден рече дека на светот со кој се соочува со кризи му е потребно „африканското лидерство, идеи и иновации“ и вети дека ќе продолжи да работи да гради на „виталните вложувања“ во Африка на претходните американски влади.

За таа цел, пред тридневниот самит кој завршува во четвртокот, советникот за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека САД ќе издвои 55 милијарди долари во Африка во следните три години.

Во обраќањето од средата, Бајден реле дека ќе вложи 500 милиони долари во намалувањето на транспортните трошоци во клучното западноафриканско пристаниште во Бенин.

Спомена и 350 милиони долари кои ќе бидат издвоени за јакнење на дигиталната економија, како и дека на американско-африкански деловен форум се склучени договори во износ од 15 милијарди долари.

САД ќе потпишат и меморандум со Африканската континентална зона на слободна трговија, една од најголемите на светот, што ќе „создаде нови можности за трговијата и вложувањата“ меѓу САД и Африка.

На маргините на самитот во средата, Бајден одвоено се сретна со шест африкански челници кои следната 2023 година ги очекуваат избори повикувајќи ги да обезбедат изборите да бидат слободни.

Пред крајот на самитот, Бајден би требало да изјави дека ќе го поддржи примањето на Африканската унија во постојаното членство на групата Г20. Се очекува и дека ќе ја најави посетата на Африка следната година.