Бајден се надева на прекин на огнот во Појасот Газа следната седмица

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека се надева оти до понеделник ќе биде постигнат прекин на огнот во Појасот Газа, објави во вторникот BBC.

Изјавата на Бајден доаѓа по извештаите за одреден напредок во индиректните разговори меѓу израелските власти и Хамас. Прекинот на огнот ќе вклучува испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа и ослободување на уште заложници киднапирани од Хамас во Израел на 7-ми октомври минатата година.

Од Израел немале коментар, а претставници на Хамас рекле дека двете страни не се толку блиску до договор за прекин на огнот како што навестува Бајден.

Катар, кој посредува во разговорите заедно со Египет, вели дека сè уште не може да објави дека е постигнат договор. Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџид ал-Ансари, рекол дека Доха „ќе бара пауза пред почетокот на Рамазан“ и дека е „полна со надеж, но не нужно оптимистичка“.

Според Reuters, повикувајќи се на неименуван извор близок до преговорите, Хамас сè уште го проучува предлогот за договор, изнесен од Франција, кој повикува на 40-дневна пауза во сите воени операции и размена на Палестинци 10 спрема 1 затворени во израелските затвори за израелски заложници.

„Блиску сме“, им рече Бајден на новинарите во Њујорк во понеделникот. „Сè уште не сме готови. Се надевам дека ќе имаме прекин на огнот до следниот понеделник“, додаде.

Во емисијата „Late Night With Seth Meyers“ на американската телевизиска мрежа NBC News, Бајден рече дека Израел ќе биде подготвен да се согласи на рамазанска пауза доколку се постигне договор.

Рамазан започнува околу 10-ти март.

„Доаѓа Рамазан и Израелците се согласија да не оперираат ниту за време на Рамазан, за да ни дадат време да ги извадиме сите заложници“, рече Бајден.

„Приоритет за нас во Хамас не е размената на заробеници, туку крајот на војната. Не е логично, по сите овие загуби на животи и имоти, да се согласиме со каква и да е понуда што не води до целосен прекин на огнот, враќање на раселените и реконструкција на Газа“, изјавил неименуван претставник на Хамас за BBC.