Во денешното обраќање од северниот тревник на Белата куќа, претседателот на САД Џо Бајден ги повика Американците да се вакцинираат. Повикот доаѓа откако државниот Центар за контрола и спречување на болести објави ажурирано упатство за целосно вакцинираните лица да не мора да носат маски на отворено.
-Додека борбата се уште не е завршена и нè чека многу работа во мај и во јуни за да стигнеме до 4 јули, направиваме исклучиелен прогрес, поради сите вас, американскиот народ, истакна Бајден.
Тој изјави дека вакцинацијата спасува „илјадници животи”, посебно оние на повозрасните Американци кои се ранливи на вирусот. Според ЦДЦ, досега се дадени речиси 230 милиони дози вакцини против коронавирус а речиси 54 отсто од возрасната популација на САД примиле една доза.
Бајден истакна дека научниците се убедени дека најновите податоци укажуваат дека ризикот за зараза или пренесување на ковид-19 е „многу, многу мал” ако луѓето се вакцинирани, а посебено ако се наоѓаат на отворено.
-Всушност, јасно е: ако си вакциниран можеш да правиш многу работи побезбедно, во отворен или во затворен простор, изјави тој.
Истакна дека „оние кои се уште не примиле вакцина, посебно помладите, или оние кои мислат дека не им треба, ова е уште една добра причина да се вакцинирате – веднаш, веднаш”!
Изјавата на Бајден доаѓа во пресрет на 100-те денови од стапувањето во служба кои навршуваат неделава. Во првите недели од претседателствувањето, Бајден бараше забрзување на вакцинацијата, и ги повикуваше Американците да ги следат здравствените протоколи за носење маски со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Новите препораки на ЦДЦ се чекор напред во олабавување на мерките откако резултатите од вакцинацијата се позитивни и охрабруваат, односно опаѓа бројот на смртни случаи меѓу повозрасната популација, и е намален бројот на хоспитализации.