Бајден тајно дозволил гаѓање на руска територија со американско оружје

Американскиот претседател Џо Бајден тајно ѝ дал дозвола на Украина да ја нападне руската територија со американско оружје, но само во близина на областа Харков, објави во четвртокот Politico, цитирајќи американски извори, а потврда за тоа добила и руската новинска агенција РИА за која од Стејт департментот на САД посочиле дека сепак претседателот ограничил користење американски проектили со долг дострел неодамна испорачани на Киев.

„Претседателот неодамна му нареди на својот тим да осигури дека Украина може да го користи американското оружје за возвраќање на огнот во областа Харков за да би можела да им возврати на руските сили кои ги напаѓаат или се подготвуваат да ги нападнат“, објави Politico, цитирајќи официјален претставник на САД кој додал дека политиката на дозволувањето на удари од долг дострел на територијата на Русија и натаму „не се променила“.

Во написот на Politico не се наведува кога Бајден го дал тоа дозволување.

Руската државна агенција РИА добила потврда од американскиот Стејт департмент дека претседателот Џо Бајден ѝ доволил на Украина да го користи американското оружје за удари врз цели во Русија кои се закана за источниот украински пограничен Харков каде последните дваесет дена руските сили остварија значителен продор, но ја оставил на сила забраната за користење на оперативно-тактичките ракети ATACMS и другото оружје со долг дострел кое би можело да достигне цели подлабоко на руската територија.

„Претседателот неодамна му наложи на својот тим да ѝ овозможи на Украина да користи оружје испорачано од САД за цели против батерии во регионот Харков, за да може Украина да одговори на руските сили кои ја напаѓаат или подготвуваат да ја нападнат“, го цитира РАИ одговорот на Стејт департментот кој е идентичен со брифингот на изворите на Politico.

Притоа, од Стејт департментот изјавиле дека „политиката во врска со забраната за употреба на ситемите ATACMS или оружје со долг дострел“ против цели во Русија останува иста.

Украинската влада бара од своите сојузници да ѝ го дозволат тоа. За таквите украински удари се заложија и повеќе европски членки на НАТО, како и генералниот секретар на североноатлантскиот воен блок Јенс Столтенберг. Соединетите држави велат дека не поттикнуваат или овозможуваат употреба на американско оружје за директни напади врз Русија, но државниот секретар Антони Блинкен, на прашањето за моменталната позиција на Вашингтон, во средата рече дека „ќе се координира и приспособува“.

Од неодамна западните сојузници на Киев сѐ почесто повикуваат да им се дозволи на украинските вооружени сили да извршат напади длабоко на руска територија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го упати овој повик во понеделникот. Според него, некои сојузници веќе ги укинале таквите ограничувања, и нивната цел би требало да бидат центри за снабдувања на руската армија, аеродроми и критична инфраструткура. Западните политичари, притоа не ги коментираа досегашните слилни нападо на украинските сили кон исклучиво цивилни цели.

Следниот ден, ставот на Столтенберг беше поддржан и од францускиот претседател Емануел Макрон, истакнувајќи дека на Украина треба да ѝ се дозволи да гаѓа цели во Русија, од каде што се гранатираат цели во Украина. Во четвртокот, данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен рече дека Копенхаген ќе му дозволи на Киев да користи борбени авиони „F-16“ за такви напади.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, коментирајќи ги изјавите на Столтенберг, посочи дека тој ги пречекорил своите овластувања како челник на воен сојуз кој официјално не е во воен конфликт со Русија. Истакна дека генералниот секретар на алијансата „веќе е под притисок од самите членки на НАТО“. Така, италијанскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Антонио Тајани истакна дека Украина треба да користи западно оружје само на своја територија.

Протпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека НАТО кокетира со таква реторика, зголемувајќи го степенот на ескалација и „запаѓајќи во военствена екстаза“. Додаде дека претседателот Путин и војската го знаат можниот одговор на Русија на нападите на нејзина територија и преземаат контрамерки.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди на заканата од светски конфликт доколку западните сојузници на Украина му дозволат на Киев да го користи оружјето доставено од нив за напад на руска територија.