Бајден: Трамп ја користи американската војска против Американците

Демократите во САД ги осудија заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе испрати војска во градовите и државите за да запрат насилните протести.

Поранешната државна секретарка и кандидат на претседателските избори во 2016 година, Хилари Клинтон, оцени дека станува збор за „застрашувачка употреба на претседателската моќ“.

„Претседателот на САД и нареди на американската армија да употреби солзавец и да пука со гумени куршуми кон мирните демонстранти, како што можев да видам. Тоа е застрашувачка употреба на претседателската моќ против сопствените граѓани. За неа нема место никаде, а не пак во Америка“, напиша Клинтон на Твитер.

Поранешниот американски потпретседател и можен демократски кандидат на претседателските избори, Џо Бајден, оцени дека Трамп ја користи американската армија против Американците.

„Тој фрли солзавец кон мирни демонстранти и испука гумени куршуми. За фотографија“, напиша Бајден.

Демократскиот сенатор Камала Харис го нарече Трамп диктатор.

„Ова не се зборови на Претседател. Ова се зборови на диктатор“, напиша таа.