Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот дека министерот за одбрана Лојд Остин требало да му каже за неговата болест која довела до негова хоспитализација, но дека сѐ уште има доверба во шефот на Пентагон.
„Да“, рече Бајден на прашањето дали Остин направил погрешна проценка што не го информирал за неговата болест.
Агенцијата Reuters претходно изминатиот викенд објави дека претседателот Џо Бајден не бил информиран за хоспитализацијата до четвртокот вечерта.
До 4-ти јануари немаше никаква официјална реакција на шпекулациите за здравствената состојба на министерот. Остин, кој има 70 години, во писмената изјава дури во саботата на 6-ти јануари соопшти дека ја презема „целосната одговорност“ за тајноста околу неговата еднонеделна хоспитализација поради сè уште неоткриена медицинска причина.
Американската телевизиска мрежа CNN во неделата објави дека заменичката на Лојд Остин на позицијатот шеф на Пентагон, Кетлин Хикс, воопшто не била информирана дека министерот е хоспитализиран кога преземала некои од неговите должности на 2-ри јануари. Кетлин Хикс била информирана дури два дена подоцна дека Остин бил примен во воената болница „Волтер Рид“ на Нова година, објави CNN, цитирајќи два изворa од Министерството за одбрана.
Американското издание Politico oбјави дека генералот Чарлс Браун, шеф на Здружениот генералштаб на американската војска, дознал за хоспитализацијата на Остин дури во вторникот.
Остин е вториот по Бајден во командната хиерархија на американската војска и неговите должности бараат тој да биде на располагање во секое време за да одговори на секаков вид криза од доменот на националната безбедносна криза.
Информациите за хоспитализацијата на Остин поради компликации од операцијата на рак на простата не беа споделени со јавноста, Белата куќа или Конгресот во поголемиот дел од минатата седмица, откако министерот беше хоспитализиран на Нова година.
Седумдесетгодишниот Лојд Остин бил примен во воената болница „Волтер Рид“ во Мериленд на 22-ри декември поради операција на рак на простата. Тој повторно бил хоспитализиран на 1-ви јануари поради компликации кои вклучуваат инфекција на уринарниот тракт и оттогаш е во болница.