Бајден вети дека сите Американци ќе ги врати дома, а САД не го изгубиле кредибилиетот

Џо Бајден вети дека сите Американци ќе бидат извлечени од Авганистан во своето второ обраќање до јавноста откако талибанците влегоа во Кабул и ја освоија речиси целата земја. Тој кажа дека САД се во постојан контакт со талибанците, кои се опоменати дека ќе се соочат со брз и жесток одговор доколку влезат во конфликт со Американците.

„Од понеделникот е направен значителен напредок. Аеродромот во Кабул е обезбеден од американската војска и течат евакуациите на цивилите. Ова е една од најголемите и најтешки воздушни евакуации во историјата и САД е единствената земја способна да ја спроведе. Имаме договор со талибанците и сите кои имаат американски пасош непречено поминуваат. Ветувам дека сите Американци ќе ги вратиме дома и ќе сториме сè за да им помогнеме на нашите авганистански сојузници и партнери“, изјави Бајден.

Тој призна дека оваа недела била многу тешка, но смета дека Америка не изгубила кредибилитет во очите на своите сојузници.

„Јас го немам забележано тоа. Напротив, мислам дека е спротивно“.

Во меѓувреме се огласи и Владимир Путин, кој кажа дека светот мора да ја прифати реалноста дека талибанците контролираат најголем дел од земјата.

„Се надевам дека тие ќе ги исполнат ветувањата и ќе воведат ред во земјата“, изјави Путин.

Откако талибанците влегоа во Кабул во неделата, странските држави евакуираа 18.000 луѓе, но илјадници Авганистанци сè уште се собрани на аеродромот во надеж дека ќе успеат да заминат.

„Масовна евакуација е ризична операција и не гарантирам каков ќе биде исходот“, призна Бајден.