Бајден во говорот на Денот на сеќавањето ја бранеше „несоврешената“ демократија како „најголем експеримент“

Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот во својот говор по повод Денот на сеќавањето ја бранеше „американската несовршена демократија“ и повика на поголема борба за да се исполни ветувањето за, како што кажа, „најголемиот експеримент“ во светската историја.

Во говорот на националните гробишта во Арлингтон, претседателот Бајден ги спомена и правото на глас, слободите на говорот и напорите да се исправат трајните економски и расни разлики, и истовремено предупреди дека демократијата е „во опасност“ во САД и ширум светот пред „автократските сили“.

„Демократијата е повеќе од форма на владеењето, тоа е начин на постоење, начин на набљудување на светот. Демократијата значи владеење на народот“, рече Бајден по повод на Денот на секаќавањето на милионите незнаени Американци кои ги загубиле животите во војните.

„Борбата за демократијата се одвива ширум светот – демократија и автократија. Борба за почитување, достоинство“, додаде американскиот претседател.

Обраќајќи се во главно празниот Меморијален центар во Арлингтон, што во медиумите се објаснува со тоа дека „нацијата сѐ уште живее во стисокот на пандемијата на коронавирусот“, Бајден рече дека 7.036 луѓе загинале во донеодaмнешните американски војни во Ирак и во Авганистан, „служејќи им на идеалите на САД и демократијата“.

„Живееја за тоа, умреа за тоа“, рече Бајден, пренесува Reuters.

Зборуваше и за плановите за повлекување на американските војници од Авганистан оваа година по најдолгата американска војна на друг континент, што го започна неговиот претходник Доналд Трамп.

Бајден, исто така, како најголеми предизвици за САД ги наведе, како што опишува, автократското владеење во Кина и во Русија.

„Оваа нација беше изградена на идеја. Подигнати сме на идеја, идејата за слобода и можност за сите. Досега целосно не сме го оствариле тој стремеж на нашите основачи, но секоја генерација по малку ја подотвора вратата“, рече Бајден.

Американскиот претседател поголемиот дел од говорот го посвети на важноста на демократијата, посочувајќи дека таа напредува „кога граѓаните може да гласат, кога има слободни медиуми и кога има подеднакви права за сите“, пренесува Associated Press.

„Генерација по генерација американските херои се пријавуваат да бидат дел од борбата затоа што тие ја разбираат вистината која живее во секое американско срце: дека ослободувањето, можностите, правдата се многу поверојатни да се остварат во демократија отколку во автократија“, рече Бајден.

Во неделата Бајден по истиот повод им се обрати на бројните семејства на одликувани војници и други ветерани во воениот меморијален центар во Њукасл во сојузната држава Делавер. Претходно во неделата претседателот и членовите на семејството присуствуваа на заупокојната литургија за неговиот син Бо Бајден, воен ветеран кој почина од рак на мозокот пред шест години токму на овој ден.

Додека многу американски сојузни држави работат на носење закони со кои ќе се прецизира како и кој може да гласа на избори за да се избегнат ситуациите како на ланските претедателски, а за кои критичарите тврдат дека целта е да се сузбие гласовите на малицинствата, Бајден ја нагласи потребата луѓето да имаат право да гласаат „слободно и чесно и поволно“ и дека владеењето на законот да се применува „еднакво и чесно за секој граѓанин, без оглед на тоа од каде доаѓаат, како изгледаат“.