Труењата со храна се акутни патолошки состојби предизвикани од консумација на производи загадени со бактерии, токсини, вируси, паразити, но, само кога станува збор за два поврзани случаја – со ист вид храна и/или со храна од исто место. Во текот на летото, кога времето е топло и луѓето најчесто се хранат надвор, бидејќи голема е веројатноста да се на кампувања, излети и летувања, се зголемува ризикот од болести кои се пренесуваат со храната. Меѓу основните причини за труење со храна, велат експертите, се зголемената температура и влажноста на воздухот кои се погодни за побрзо размножување на вирусите и бактериите како салмонела и ешерихија коли (најчести предизвикувачи на болести преносливи со храната). Дополнителен, но не и помал ризик, е тоа што за време на летото се зголемени активностите надвор од домовите, па миењето на рацете и чувањето на храната во ладилници не е секогаш достапно.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски за МИА објасни како и каде конкретно се пријавува труењето со храна, како се постапува во такви случаи, кои се препораките за да не дојде до таков исход во летните месеци и колку случаи на труење се досега пријавени до АХВ.
-Во летниот период, посебно кога времето е екстремно топло како сега, дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време. Треба да се води смета и зготвената храна да не се остава на собна температура подолго од два часа, целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок да се олади на температура под пет степени целзиусови, а пред послужување добро да се подгрее, на над 65 степени, вели Бабовски.
Според него, информацијата за труењето може да се добие од здравствен работник или од потрошувачи, но, само кога постојат два поврзани случаја на труење, со ист вид храна и /или од исто место.
-Информација/пријава од здравствен работник (матичен доктор, доктор во Болница или во Клиниката) се доставува до Епидемиолошката служба при надлежниот Центар за јавно здравје. Тие ја проследуваат информацијата до Агенција за храна и ветеринарство и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и веднаш го известуваат Министерството за здравство. Ако информацијата доаѓа од Oдделението за потрошувачи при АХВ, веднаш се известуваат надлежниот државен инспектор за храна, надлежниот Центар за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат – раководител на сектор. Притоа се бараат дополнителни информации од надлежниот Центар за јавно здравје за добиена информација од матичен доктор, болница, клиника до епидемиолошката служба при надлежниот Центар за јавно здравје, истакнува директорот.
По добиената информација за труење со храна веднаш се формира работна група за теренско истражување на труењето составена од надлежниот државен инспектор за храна, надлежниот државен санитарен, како и од здравствен инспектор, епидемиолог и санитарен техничар од надлежниот Центар за јавно здравје/Подрачна единица.
-Членовите на работната група за истражување на труењето заедно и истовремено прават контрола во објектот посочен како место поврзано со труењето со храна. Секој член на работната група постапува согласно со процедурата за труење со храна на својата институција. Од инкриминираната храна се земаат три примероци во исто време, на ист начин и во исти услови, запечатени и прописно обележани за да може да им се обезбеди на операторите да поднесат барање за дополнително стручно мислење. Доколку операторот не се согласува со резултатите од анализата на првиот примерок, тој може да побара вршење на анализа на вториот примерок. Ако резултатите од анализата на вториот примерок се различни од резултатите од анализата на првиот примерок тогаш задолжително инспекторот го доставува на испитување третиот примерок за супер анализа, нагласува Бабовски.
Бидете одговорни и пријавете
Според него, граѓаните треба да покажат одговорност и да го пријават секое труење.
– Зошто е важно да го пријавите труењето со храна? Ако мислите дека труењето е резултат на консумирање храна во ресторани или други објекти за храна, важно е да го пријавите, за надлежните служби и инспекторите да преземат мерки во рамки на своите овластувања. На тој начин ќе се спречи ширењето на заразната болест преку храната, вели директорот.
Ако сметате дека храната е небезбедна, не ризикувајте – фрлете ја
АХВ на својата веб страница веќе објави предупредување до граѓаните, да бидат многу внимателни со храната – каде јадат, од каде купуваат, како ја чуваат и како ја третираат пред да ја консумираат.
-Граѓаните имаат голема одговорност во врска со безбедноста на храната, бидејќи со неправилна подготовка на здравствено исправна храна може да се предизвика нејзина контаминација и да се зголеми ризикот од болести преносливи со храна. Би ги спомнал петте клучни чекори што ги промовира Светската здравствена организација (СЗО) и до кои е нужно да се придржуваме сите: да се внимава на чистотата, да се одвои суровото од зготвеното, при подготвувањето темелно термички да се обработи, чувањето да е соодветно и да се користат здравствено исправна вода, како и свежи намирници, напоменува Бабовски.
Како што наведува АХВ во препораките, за да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната.
АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна (месо, млеко, јајца,…) да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.
Меѓу препораките е и храната добро да се зготви, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови. Супите и гулашите треба да вријат на најмалку 70 степени, а при печењето месо и месо од живина, сокот не смее да биде розеникав, туку мора да биде бистар.
Мајонез, свежи слатки, млеко, месо,…
Според Агенцијата, посебно внимание треба да се обрне при купувањето мајонез, масло, свежи слатки, млеко и млечни производи, месо и месни производи, риба,…
-Овие производи претставуваат голем ризик за здравјето на потрошувачите ако се купуваат на отворени пазари, без обезбедени соодветни услови. Овие производи треба да се чуваат на соодветни температурни услови, пропишани од производителот, да бидат заштитени од загадување и од топлотни влијанија и да бидат соодветно спакувани. Доколку затекнете на пазарите вакви производи за кои не се обезбедени соодветни услови за чување и продажба, немојте да ги купувате, наведува АХВ.
При купување, пак, градинарски производи (овошје и зеленчук), треба да се бираат плодови кои се неоштетени и со органолептички особини својствени за производот.
-Свежите градинарски производи e најдобро да ги миете со потопување во млака вода, а потоа подолго да ги плакнете под проточна вода, препорачува АХВ.
Сладолед
Еден од најчесто консумираните производи во лето е секако сладоледот.
Како што вели Бабовски, граѓаните треба да бидат многу внимателни од каде купуваат сладолед, а треба да обрнат и внимание на личната хигиена на оние кои продаваат, ракуваат или го послужуваат сладоледот.
-Се препорачува потрошувачите да обрнат внимание и на разладниот уред во кој се чува сладоледот. Ако купуваат конфекциониран (пакуван) сладолед, да го прочитаат означувањето и посебно да внимаваат на рокот на употреба. Задолжително пред консумирањето, треба да се провери и изгледот, мирисот и вкусот на сладоледот, дециден е Бабовски.
До АХВ поднесени 12 претставки поврзани со наводи за сомнеж за труење со храна
До Одделението за заштита на потрошувачите во АХВ од почетокот на годинава досега се поднесени 12 претставки поврзани со наводи за сомнеж за труење со храна. Пет се во постапување. Од претставките по кои е постапено, вкупно седум, три се неосновани. Три од пријавените сомнежи на труење со храна како претставки, се исто така пријавени и преку епидемиолошките служби на центрите за јавно здравство.
-Oд почетокот на годинава досега, преку епидемиолошката служба од центрите за јавно здравје пријавени и спроведени се истраги за пет случаи на сомнеж за труење со храна. Врз основа на спроведените инспекциски контроли, утврдена е поврзаност на труење со храна во ресторан (изолирана бактерија салмонела во храна) за што на операторот му е изречена казнена мерка – глоба. Поради нехигиена и утврдено присуство на контактни површини и предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храна, изречени се казнени мерки на градинка од внатрешноста, иако од страна на епидемиолог не е докажан причинител на труење со храна. Присуство на бактерија стафилокока во брис од раце кај вработен и во примерок од храна е причина за потврдено труење со храна во скопски ресторан. Против операторот е изречена казнена мерка – глоба, истакнува директорот.
Тој информира и дека е во тек спроведување истрага за сомнеж за труење со храна во детско одморалиште каде кујната е затворена и запечатена со лента, а издадено е решение со времена забрана за вршење дејност „производство на храна“ и наредба за отстранување на констатираните недостатоци со контролата.
-Во тек е и постапка по сомнеж за труење во ресторан во внатрешноста на државава. Кујната во ресторанот каде била подготвена храната беше затворена, но, сите брисеви и земени мостри од храна одговараат на Правилникот за микробиолошки критериуми, поради што е забраната е укината, нагласува Бабовски.
Најнови информации на Европската Агенција за храна (EFSA) за вирусите кои потекнуваат од храната
Вирусите неодамна се препознаени како важен извор на болести предизвикани со храната. Според ЕФСА, вкупниот број епидемии предизвикани со вируси од храната се зголемил од 2007 година. Во 2009 година вирусите од храната предизвикале 19 отсто од сите болести предизвикани од храната во ЕУ и поттикнале 1 000 епидемии во кои биле зафатени 8 700 луѓе.
Научните мислења на ЕФСА информираат за норо вирусите и вирусот на хепатитис А, во свежа храна и храна подготвена за јадење. Овие причинители се препознаени и од СЗО како приоритетни опасности. Исто така, ЕФСА дава податоци за вирусот на хепатитис Е, кој има голема преваленција кај свињите, а постојат докази за пренесување преку храната и покрај тоа што клиничките случаи се многу ретки.
-Превентивните мерки треба да се фокусираат на превенција во сите фази на производството на храна. Темелното готвење и загревање на храната е во моментот единствена превентивна мерка која дава резултати и со која се постигнува инактивирање на норовирусите и вирусот на хепатитис А. Месото и црниот дроб, на пример, треба темелно да испечат или сварат, за да може потрошувачите да се заштитат од вирусот на хепатитис Е, вели Бабовски.
Препораките за контрола вклучуваат обуки на вработените во бизнисите со храна за вирусната контаминација на храната. Им се препорачува на луѓето со заболен црн дроб, со намален имунитет и на трудниците да не консумираат недоволно термички третирано месо и црн дроб од диви свињи и домашни свињи.
-Вирусите може да се пренесат од човек на човек, преку храна и преку вода, кои се контаминирани со вирусите. Тие може да се најдат во секој вид на храна бидејќи храната може да се контаминира од околината во тек на подготвувањето и заради лошите хигиенски пракси. Кај луѓето норовирусот предизвикува гастроентероколитис – воспаление на желудникот и цревата. Тој е најчеста причина за заразни гастроентероколитиси во ЕУ. Вирусите на хепатитис А и Е предизвикуваат симптоми слични на грип, но исто така доведуваат до акутни болести на црниот дроб, објаснува Бабовски.
Во однос на препораките, тој посебно истакнува дека освен редовно миење раце, граѓаните треба да ги одржуваат чисти и сите работни површини и опрема што ги користат за подготовка на храната, како и да ги заштитат просторот на кујната и храната од инсекти, штетници и други животни.