Марионетската власт во Скопје ја отвора и последната карта во борбата со неистомислениците, и во Македонија повторно се воведува т.н. вербален деликт од членот 133 од Кривичниот законик во поранешна Југославија, кој одмана е укинат и со кој се санкционираше слободата на говорот. Сега, во Македонија, вербалниот деликт се применува под називот говор на омраза, рече во средата челникот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, ден откако беше приведен во полициска станица.
„МВР вчера спроведе полициско гонење врз мене врз основа на ова соопштение на Единствена Македонија од 2 октомври во кое алармираме за поткуп на пратеници во висина од 2 милиони евра по пратеник и дека пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе гласа за промените на уставот нема да стигне до државната граница при обидот за бегство од државата. Ова за МВР значело, внимавајте добро, дека Единствена Македонија ќе ги убива одметнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со што била загрозена нивната сигурност’, рече Бачев.
Потсети притоа цел месец од соопштението, за кое е викнат на информативен разговор, а на „одметнатите осум пратеници не им фали ништо“,
„Дури, Елизабета Канчевска Милевска доби унапредување во координатор на пратеничка група и секоја вечер како манекенките на модни писти се шета од телевизија во телевизија да не убедува дека бришењето на се што е македонско било за наше добро. Значи, тоа што се зборува во соопштенија и на прес конференции, ќе се казнува“, посочи Бачев.
Од друга страна, продолжи прертседателот на опозициската вонпарламентарна партија, на премиерот на Зоран Заев устата му е полна со демократија, со владеење на правото и правната држава.
„Кажаното од Заев нема смисла оти во реалноста не се почитува судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбург како најворитетна правна институција токму во таа Европа за која зборува Заев. Според судот во Стразбур, политичката дебата подразбира и силни зборови, дури и она што разните шарени и соросови инсталации во земјата го сметаат за апокалипса – дека токму владата треба да биде толерантна кон ваквите наводни деструктивни изблици. Заштитата дадена според членот 10 став 1 од Европската конвенција за човековите права ги опфаќа и ставовите на групи или ставот на едно лице дури и кога тоа претставува шок за мнозинството“, додаде Бачев
Илустрираше со премерите,со три пресуди а судот во Стразбур: Во случајот Oberschlick против Австрија се вели дека политичарите кои со своите ставови провоцираат, мора да прифатат и провокативни изјави за себе. А не треба посебно да се зборува за провокацијата што ја направија 8-те одметнати и уценети пратеници. Во случајот Roseiro Bento и Lopes Gomes da Silva против Португалија се вели дека острите политички дебати лесно прераснуваат во лични, а тоа е ризикот кој се прифаќа во учеството во политичкиот живот. Во случајот Castells против Шпанија се вели дека доминантната позиција што ја има владата неопходно условува таа да се воздржува од кривични постапки особено каде што и се достапни други средства за одговор на напади и критики од нејзините противници во медиумите.
„Доаѓаме до клучното прашање, што подразбира Зоран Заев под политичка борба. Дали тоа е копнежот на Заев да има конструктивна опозиција од типот на овие осумте пратеници кои сега ќе глумат опозиција. Или да му се умилкуваме на Заев како овие 8 пратеници кои не издржаа и се вклучија во постапката да се избрише се што е македонско. Или, да се помириме дека фундаментално правило во Македонија станува прогонот на неистомислениците“, рече Бачев.
Оцени дека станува збор за напад врз слободата на говорот кој има цел „да се сее страв“ и на граѓаните „да им се перат мозоците“ со измислената формулација „говор на омраза“.
„Можат да не следат, да не’ прислушкуваат, да не’ прогонуваат со измислени обвиненија, но, ние нема да дозволиме да ни го скршат духот, оти ако ни го убијат духот ќе ни го убијат името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Во земјата цути организираниот криминал, перење пари, гледаме насади со дрога до куќите на луѓето, а наспроти ова, Единствена Македонија стана главен проблем во оваа земја, ни забрануваат настапи на телевизии, не следат, прислушкуваат, ни вршат полициски прогон“, заклучи Бачев.