Авторката на бестселерите „Рингишпил” и „Писмото на Госпоѓа Вилма”, со своето последно дело „Последната пролет во Париз” доаѓа во Македонија како дел од промоцијата на македонското издание на овој фантастичен роман, која Клуб Матица ја организира заедно со ребрендирањето на Булеварот на книгите, закажана за 4-ти Јуни.
Јелена Бачиќ Алимпиќ е наградуван новинар, уредник и водител. Иако е позната како јавно лице, мал е бројот на луѓе кои знаат дека всушност се работи за професор по книжевност. Нејзините исклучителни писателски способности ги покажа во романите „Рингишпил” и „Писмото на Госпоѓа Вилма” – романи кои го освоија Балканот. „Последната пролет во Париз” е нејзиниот последен роман, кој е еден од романите кои ќе го одбележат летото.
Една сосема обична старост и рутинска новинарска задача спојува две судбини, кои раскажуваат една трагична животна приказна. Судбина на емигрантите од царска Русија, оданост на идеолошките вредности, појава на демони од минатото, каде е границата на вистината и како да се пронајде храброст за да ја прифатиме и да се осознаеме себеси? Сите овие дилеми се испреплетени во приказната на старицата Марија Колчак и новинарката Олга Ласеж која сериозно го освојува Балканот, но и европските метрополи.
Пристигнувањето на Јелена Бачиќ – Алимпиќ ќе биде на 2-ри Јуни. Веќе за 3-ти Јуни е закажана иновативна прес конференција која ќе имате можност да поразговарате со авторката за сето она што ја инспирирало за да дојде до она што „Последна пролет во Париз” претставува за читателите – неповторливо искуство кое никого не остава рамнодушен. Веруваме дека гостувањето на Бачиќ – Алимпиќ ќе биде забележано со големи букви во Вашите распореди и дека нема да ја пропуштите можноста да добиете примерок од „Последната пролет во Париз”, специјално потпишан од авторката.