Бајден и Лавров по булеварот „Русија“ во Пном Пен на различни самити

Американскиот претседател Џо Бајден во саботата пристигна во Камбоџа, каде ќе учествува на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (ASEAN) – САД, а истовремено во Пном Пен пристигна и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој ќе учествува на самитот на земјите од Источна Азија, а медиумите како куриозитет издвојуваат дека ѝ двајцата морале да минат по главниот булевар кој е именуван по Руската Федерација.

Бајден дојде во Пном Пен од египетското одморалиште Шарм ел-Шејк, каде што во петокот одржа говор на меѓународната климатска конференција под покровителство на Обединетите нации – COP27. Ќе остане помалку од 48 часа во главниот град на Камбоџа, каде што ќе разговара и со јапонскиот премиер Фумио Кишида и со јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јол, пред да отпатува на индонезискиот остров Бали на самитот на Г20 во вторник и среда.

„Во Пном Пен, американскиот претседател ќе го повика својот кинески колега Кси Џинпинг да ги совлада „најлошите тенденции“ на Северна Кореја и да предупреди дека развојот на оружјето од страна на Пјонгјанг ќе доведе до зголемено американско воено присуство во Азија“, изјави американскиот советник за национална безбедност Џек Саливан.

Набрзо по пристигнувањето на Бајден, во Пном Пен пристигна шефот на руската дипломатија Лавров, а новинарите известуваат дека конвоите со двајцата политичари минале по булеварот „Руска Федерација“ во чест на помошта која поранешниот СССР ѝ ја давал на Камбоџа во текот на XX век, во квартот во кој се наоѓаат владините згради и универзитети.

Новинарите известуваат како куриозитет, имајќи ги предвид крајно заладените односи меѓи САД и Русија на најниското ниво од Студената војна, и дека по трасата по којашто се движеле колоните американското и руското знаме биле поставени понекогаш едно до друго, а на места и едно преку едно знаме. Но авионите на американската и на руската делегација биле паркирани на спротивните краеви на аеродромот во Пном Пен.

Деновиве во главниот град на Камбоџа се одржуваа и неколку регионални самити, покрај самитот на ASEAN на кој е поканета и Украина. Лавров имено ќе учествува на состанокот на платформата на земјите од азиско-пацифичкиот регион за политички прашања , развој и унапредување на соработката на кој Русија се приклучи во 2010 година.