Кошаркарките на Бадел ја освоија двојната круна во македонската кошарка, придодавајќи го шампионскиот трофеј на пехарот во Купот. “Баделки” вчера ја совладаа екипата на МНА со 66:53 во Кавадарци и стигнаа до втор триумф во финалната серија, практично завршувајќи ја целата сезона без пораз.
МНА имаше сили само за две четвртини, а на одмор се замина со израмнет резултат (30:30). Но, во второто полувреме, “баделки” ја зацврстија одбраната, а потоа нападот функционираше многу подобро. На крајот славеа со убедливи 66:53.
Анџелика Митрашиновиќ со 16 поени беше најпрецизна на натпреварот, а го доби и признанието за МВП – играч на финалето. Трајчевска беше стрелец на 15 поени, Лескароска уфрли 11 поени, а во составот на МНА, Наков и Георгиева-Атанасова постигнаа по 15 поени.