Фудбалерите на минхенски Баерн го победија со 5:0 Штутгарт во 16-то коло од германското првенство со што ја обезбедија титулата „есенски првак“.
Баварците го разнесоа домашниот Штутгарт, за што најмногу заслуги им припаѓаат на Серж Гнабри со хет-трикот остварен со погодоците во 40, 53 и 74 минута, а два гола постигна Роберт Левандовски.
Полскиот напаѓач така во тековната 2021 година досега има постигнато 42 погодоци во германското првенство, со што го повтори рекордот на легендарниот центарфор на Баерн и германската репрезентација Герд Милерд кој во целата календарска 1972 година постигна ист број голови како и сега Левандовски. Но до крајот на годинава Баерн има уште еден првенствен натпревар, на 17-ти декември против Волфсбург.
Баерн сега е прв на табелата со 40 бодови, девет бодови пред Борусија Дортмунд која има и меч помалку, а Штутгарт во моментов е 15-ти со 17 бодови, но веќе во среда може да влезе во опасната зона.
Гостинска победа оставри и Келн кај Волфсбург во драматичен дуел резултат 3:2, иако домашните двапати беа во водство. Волфсбург прво поведе во 8 минута преку Лукас Нмеха, а вториот пат преку Вут Вегхорст во 51 минута, а Келн израмнуваше во 34 минута преку Антони Модест и Марк Ут во 73 минута, додека победата ја донесе Модест со својот втор погодок на мечот постигнат во 89 минута.
Келн сега со 22 бода е осми на табелата и го мина Волфсбург кој со 20 бодови моментално е на 11-то место.
Мајнц на домашен терен со 4:0 беше убедлив против Херта. Стрелци за домашните беа Ли Џае-сунг во 19, Александер Хак во 49, Силван Видмер во 49 и Жан-Пол Боетиус во 79 минута.
Мајнц моментално е на шестото место со 24 бодови, бод повеќе од Унион Берлин и три од РБ Лајпциг и Ајнтрахт Франкфурт кои имаат и меч помалку. Берлинска Херта е 14-та со 18 бодови, а може да ја мине сега 16-от Аугсбург кој има 16 бодови со меч помалку.
Арминија со головите на Масаја Окугава во 51 и Патрик Вимер на домашен терен со 2:0 го совлада Бохум. Бохум остана 12-ти со 209 ободови, но може да биде минат од Борусија Менхенгладбах која има два бода помалку и меч за доигрување, а Арминија остана претпоследна 17-та, но сега со 13 бодови го намали заостанувањето зад тимовите од зоната на спасот.