Баерн го сака Конте, Италијанецот за Јувентус или Милан

Германскиот фудбалски гигант Баерн Минхен го контактирал Антонио Конте, но 54-годишниот италијански стручњак го чека расплетот на ситуацијата во Јувентус и Милан, пренесуваат италијанските медиуми.

Конте веќе една година е без работа, откако во март 2023 година со заедничка согласност го раскина договорот и го напушти лондонски Тотенхем.

Според La Repubblica, Конте е на врвот на листата на кандидати за клупата на германскиот гигант, откако Томас Тухел ќе го напушти клубот на крајот од сезоната.

Сепак, италијанските медиуми пренесуваат дека Конте веќе го одбил Баерн, бидејќи сака да биде на клупата на Јувентус или Милан. Се вели дека е најблиску до клупата на „Старата дама“ на Торино, бидејќи односите меѓу Максимилијан Алегри и клубот се влошуваат.

Конте веќе го водеше Јувентус од 2011 до 2014 година, освојувајќи три последователни титули во Серија А, а исто така беше тренер на Челзи, Интер, Сиена, Аталанта, Бари и Арецо.