Актуелнот германски фудбалски шампион минхенски Баерн го совлада на гостувањето Волфсбург со 3:1, со што ја прекина низата од четири натпревари без постигната победа.
Откако ја отвори сезоната со седум последователни победи, Баерн во последните четири натпревари одигра два меча без победник и запиша два пораза, што предизвика вознемиреност на „Алијанц Арена“ и го доведе во прашање тренерското место на Хрватот Нико Ковач кој ова лето ја презема клупата на Баварците.
Дел од германските медиуми веќе објавија дека клубот бара нов тренер, но водството на Баерн во петокот на прес-конференција му даде поддршка на Ковач обвинувајќи ги новинарите за погрешни информации. Оттаму и гостувањето на првакот во „Градот на волците“ предизвика голем интерес кај медиумите и германската спортска јавност.
Баварците, сепак, успешно го издржаа притисокот, иако домашните повеќе од половина час имаа играч повеќе. Баерн супериорно го започна мечот со головите на Роберт Левандовски во 30 и 48 минута. Проблемите започнаа во 57 минута, кога Арјен Робен беше исклучен поради втор жолт картон, а само шест минути подоцна Вут Вегхорст намали на 1:2. Сепак, победата на гостите им ја обезбеди Хамез Родригез кој во 72 минута погоди по асистенција на Левандовски.
Баерн Минхен моментално е втор на табелата со 16 бодови, а Волсфбург е 11-ти со 9 бодови.
Борусија Дортминд рутински со 4:0 го одработи гостувањето во Штутгарт, со што со 20 бодови го задржи водството на табелата со четири бодови предност пред Баерн Минхен. Гостите веќе по 25 минута водеа со 3:0, со головите на Жадон Санча во 3, Марко Ројс во 23 и Пако Алкасер во 25 минута. Убедливиот успех на Борусија го потврди Макс Филип во 85 минута. Штутгарт остана претпоследен, 17-ти е со само пет бодови.
Хофенхајм со 3:1 го победи Нирнберг на гости. Головите за домашните ги постигнаа Рејс Нелсон во 50 и 57 и Адам Залаи во 67 минута додека за домашни стрелец беше Хано Бехрнес од пенал уште во 18 минута. Хофенхајм моментално е 8-ми со 10 бодови, а Нирнберг е 14-ти со два бода помалку.
Баер Леверкузен одигра 2:2 против Хановер, израмнувајќи во четвртата минута од судиското продолжени. Гостите водеа со 1:0 и 2:1, но не издражаа. Стрелци за Баер беа Ларс Бендер во 34 и Карим Белараби во 90+4 минута, додека за гостите беа Фљорент Мустафи во 25 и Фелипе во 54 минута. Хановер, така, не успеа да направи растичен исчекор од опасната зона, и само дојде до шестиот бод со кој е на 16-то место. Баер, пак, е 13-ти со 8 бодови.
Аугсбург и РБ Лајпциг одиграа без голови. Домаќините на овој натпревар моментално се деветти со исто толку бодови, додека тимот од Лајпциг до недела ќе биде на третата позиција на табелата со 14 бодови.
Во петокот вечерта Ајнтрахт од Франкфурт дури со 7:1 ја совлада Фортуна, во меч во кој Јовиќ постигна пет голови. Ајнтрахт собра 13 бодови кои му се доволни за 7-то место, а Фортуна тоне на дното со пет бодови.
Подоцна во сабота играат Шалке 04 – Вердер Бемен, додека во недела ќе се сретнат Херта – Фрајбург и Борусија Менхенглабах – Мајнц.