Извршниот директор на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн (М), Карл-Хаинц Румениге, потврди дека хрватскиот интернационалец, Марио Манџукиќ, нема да добие зелено светло за промена на клупската средина за време на летниот преоден рок.
„Марио Манџукиќ има договор со Баерн (М). Знам дека хрватскиот интернационалец е желба на сите поголеми клубови од Европа, дека има голем интерес за неговите услуги, но јас сум убеден, верувам дека Марио ќе остане на “Алианс Арена” и по завршувањето на актуелната сезона. Баерн (М) е клуб од светска класа, а таков клуб мора да има на располагање и неколку напаѓачи од светска класа. Јас сум убеден дека во овој тим има место и за Манџукиќ и за Левандовски”, изјави Румениге.
Поранешниот напаѓач на Динамо (З) и Волфсбург, важи за најголема желба на лондонските премиерлигаши Арсенал и Челзи, а понуда не помала до 30 мил. евра најверојатно ќе испратат и раководните лица на шпанскиот гигант Реал (М).