Баерн Минхен “протатне” низ Рим

Синоќа беа одиграни првите осум меча од третото коло во Лигата на шампионите. Натпреварите изобилуваа со голови, а се чини најинтересно беше онаму каде што и се очекуваше тоа, на мечот помеѓу Рома и Баерн Минхен.

“Баварците” буквално го растурија тимот на Рома, и тоа среде Рим, славејќи со убедливи 1:7 (0:5). Убедливата победа беше најавена уште во 9-та минута од мечот, кога холандскиот репрезентативец Арјен Робен постигна погодок, со кој тимот на Баерн поведе со 0:1. Водството беше зголемено во 23-та минута, кога погоди Марио Геце, а веднаш потоа, за само две минути, гол постигна и Роберт Левандовски. До крајот на полувремето голови постигнаа и Робен и Милер, со што уште на паузата се замина со убедливи 0:5 во корист на гостинскиот тим.

Во вториот дел Жервињо го постигна единствениот погодок за “римската волчица”, а до крајот фудбалерите на Баерн уште два пати стрелаа прецизно, односно гол постигнаа Френк Рибери и Џердан Шаќири, со што беа поставени конечните 1:7.

Група „Е“:

ЦСКА Москва – Манчестер Сити 2:2 (0:2)

Рома – Баерн Минхен 1:7 (0:5)

Табела: Баерн 9 бодови, Рома 4, Манчестер Сити 2, ЦСКА Москва 1.

Група„Ф“:

АПОЕЛ – ПСЖ 0:1 (0:0)

Барселона – Ајакс 3:1 (2:0)

Табела: ПСЖ 7, Барселона 6, Ајакс 2, АПОЕЛ 1.

Група „Г“:

Челзи – Марибор 6:0 (3:0)

Шалке – Спортинг 4:3 (1:1)

Табела: Челзи 7, Шалке 5, Марибор 2, Спортинг 1.

Група „Х“:

БАТЕ Борисов – Шахтјор 0:7 (0:6)

Порто – Атлетик Билбао 2:1 (1:0)

Табела: Порто 7, БАТЕ Борисов 3, Шахтјор 5, Атлетик Билбао 1.