Баерн поразен од МЛС ѕвездите

Фудбалерите на Баерн Минхен загубија со 1:2 на мечот во Орегон против селекцијата од најдобрите играчи во американската МЛС лига.

По девет минути игра „баварците“ поведоа преку Роберт Левандовски и тој резултат остана до полувремето. Во продолжение првиот стрелец на МЛС лигата Бредли Рајт Филипс успеа да изедначи, а во 70. минута најголемата американска ѕвезда, Лендон Донован успеа да го совлада Мануел Нојер за целосен пресврт и 2:1.

На 12 минути пред крај Хуан Бернат имаше шанса да изедначи за Баерн, но Бил Хамид ја сочува мрежата.

По натпреварот тренерот на Баерн, Пеп Гвардиола одби да се ракува со тренерот на МЛС ѕвездите Калеб Портер заради острите стартови кои американските ѕвезди ги извршија врз германскиот тим.

Прво Џердан Шакири беше соборен во 64. минута, а потоа во 89. минута остар старт претрпе и Бастиан Швајнштајгер.