Владата во Багдад во вторникот ги осуди американските воздушни напади во текот на изминатата ноќ врз позициите на ирачката војска кои ги нарече „јасно непријателски чин“ во кој загина еден војник, а ранети се уште 18 други.
Американската војска изврши воздушни напади во Ирак во понеделникот како одговор на нападот со беспилотно летало од страна на шиитските ирачки единици врз американската воена база, во кој беа ранети тројца американски војници, од кои еден е во критична состојба.
Владата во Багдад ги осуди американските напади како „неприфатливо кршење на ирачкиот суверенитет“ и во исто време нагласи дека нападите на вооружените групи врз воените бази на коалицијата предводена од САД се исто така непријателски дејствија кои го нарушуваат ирачкиот суверенитет, се вели во соопштението.
Два ирачки безбедносни извори изјавија дека цел на американските напади било седиштето на вооружената група Катаиб Хезболах во ирачкиот град Хила, јужно од Багдад. Еден борец на паравоената групација којашто имаше главна улога во копнените операции против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава која беше поаразена во Ирак во ноември 2016 година, е убиен во нападите, а 16 се ранети, изјавиле за Reuters два безбедносни извора кои сакале да останат анонимни.
Движењето на ирачкото шиитско мнозинство Катаиб Хезболах, кое е поврзано со шиитски Иран, ја критикуваше владата за осудата на нападите на ирачката милиција врз цели на коалицијата предводена од САД, изјави претставник за безбедност на групацијата во објава на социјалните мрежи.
„Ги предупредуваме оние со слаби души, од највисоките до најниските нивоа, да не го искушуваат нашето трпение“, порача Абу Али ал-Аскари.
Аскари вети дека ќе продолжи со нападите врз американските сили, што е јасен предизвик за владата на премиерот Мохамед Ал Судани.
Ирачкиот премиер има ограничена контрола врз некои шиитски групаци кои се поддржани од Иран, кој и материјално ја помага владата во Багдад. Нему му беше потребна нивната поддршка за да ја освои власта пред една година, а сега тие формираат силен блок во неговата владејачка коалиција. Многу од овие групи немаат единствен став во однос на акциите против американските сили.
Американските трупи се нападнати најмалку 50 пати во Ирак и во Сирија од почетокот на војната во Газа. Американската војска во Ирак има бази сега со 2.500 војници по инвазијата во оваа земја во 2003 година, а во Сирија има десетина бази со сега 900 војници во североисточниот дел каде со инвазијата по 2011 година ги држи под окупација најбогатите сириски наоѓалишта на нафта и непречено незаконски ги експлоатира. Сирија и Турција изминатите години ги обвинија САД дека во базите на сириската територија ги обучува припадниците на Исламската држава и на Работничката партија на Курдистан (PKK) кои подоцна изведуваат терористички напади во двете земји.