Во наредните недели Струмица е исправена пред предизвикот да избере градоначалник кој најдобро ќе работи за потребите на граѓаните и ќе ја направи општината пријатно место за живеење. Ова го истакна Марјан Бајрактаров, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Струмица.
Еден градоначалник може да биде добар градоначалник само ако е способен правилно да планира и да го насочи човечкиот капитал и ресурсите, секогаш водејќи сметка за приоритетите на граѓаните. Со моето професионално искуство и менаџерски дух оптимално ќе го насочам тој потенцијал за развој на Струмица каква сите ја посакуваме, рече Бајрактаров.
Тој потенцира дека Струмица располага со добри работници и чесни луѓе, но и поволна местоположба и можности за поголем економски развој.
-За младите луѓе ќе создадам услови да напредуваат и работат во сопствената општина. Високо ќе ја ценам и почитувам стручноста и квалитетните луѓе ќе бидат поставени на вистинските места. Општината ја гледам како партнер на бизнис секторот кој нуди еднакви можности за сите. Преку доделување и уредување на градежно земјиште и намалување на надоместокот за уредување и обезбедувањето на комуналната инфраструктура, општината активно ќе го поттикнува основањето и развивањето нови индустриски капацитети и активно ќе учествува во привлекувањето на нови инвеститори, порача кандидатот за градоначалник Бајрактаров.
Тој нагласи дека градинките и училиштата мора да станат пријатно место за децата и учениците, затоа што оттаму почнува се.
– Ќе ги зголемиме хигиенските стандарди и технички ќе ги опремиме. Зградите кои се постари од 40 години ќе добијат нови енергетско-ефикасни фасади и партерно и хортикултуно уредување. Струмица ќе добие вистински функционален пазар, рече Бајрактаров.
Најави реконструкција и модернизација на улиците и булеварите, велосипедски патеки, спортски комплекси и паркови.