Бакраческа: Од реформи во здравството добивме само смена на министри, а никаков напредок не видовме

-Исто како и претходното составување на Владата така и при сегашниот предлог на министрите се прави класична распределба меѓу коалиционите партнери, изјави пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Грација Бакраческа на денешната собраниска седница.

„Доколку премиерот беше вистински премиер на државата требаше да има способност да одбере луѓе со интегритет кои ќе ја водат државата во правилна насока. Сметам дека крајно време беше и парламентарното мнозинство барем еднаш да се надмине себе си и да продискутираме отворено за предложените кадри, но за жал и овој пат по не знам кој пат имаме менувања без образложение“, рече Бакраческа.

Таа посочи дека за да се стигне до ЕУ она што е најважно се вистинските луѓе да дојдат на вистински места во оваа држава,  дека на столчето од Никола Тупанчевски ќе дојде Кренар Лога и додека тој ги детектира проблемите во судството ќе му истече мандатот. Ваквата брза смена стани – седни на удобното столче не е добро решение.

„За жал, реалноста поврзана со здравствениот систем во Македонија не е ни малку блескава, се навикнавме на дисфунционалост и бројни неодговрени прашања. Ако некои се нафатил да води здравствен систем мора да знае да спроведува мерки на секој чекор. Од реформи во здравството добивме само смена на министри. Тројца министри се сменија за само две години а никаков напредок не видовме“, изјави Бакраческа.

Таа додаде дека македонското здравство мора тотално да се реконструира, а за тоа најодговорна е Владата.

„Очекувавме многу, а не добивме ништо. Очекувавме квалитетни услови за живот а добивме огромен процент на сиромаштија кај младите. Секој 4-ти млад човек се соочува со сиромашатија, а 1/3 од корисниците на социјална помош се млади. Младите мора да ни се во фокусот и сите заедно да работиме за задржување во државава, затоа што без млади таа не може да оди напред“, кажа Бакраческа и дополни дека, со луксузни хациенди нема да се нахранат граѓаните.