Нескромно е ако кажам дека во 2014 –та Охрид ќе го претвориме во едно големо градилиште, изјави градоначалникот Никола Бакрачески по работната средба со раководителите на Локалните сектори на која се финализираа активностите за комплетирање на проектите со кои Општината ќе аплицира за добивање кредит од Светска Банка.
Наредниов период ќе се инвестира во голем дел на инфраструктурни проекти. Ќе се инвестира во изградба на водоводни мрежи, во изградба на атмосферски канализации, изградба и реконструкција на локални патишта и улици , рече градоначалникот Бакрачески, обелоденувајќи ги конкретните проекти кои ќе се реализираат со пари од Светска Банка .
„Реконструкција и изградба на улицата Ристо Чадо. Изградба на две кружни сообраќајници на делот каде Булеварот Туристичка се вкрстува со улиците Бистрица и 7-ми Ноември. Изградба на патот од Кромидишта до населба Рача. Реконструкција на улицата Илија Смичоски во село Лескоец, реконструкција на патот Косел- Вапила – Ливоишта. Во втора фаза ќе биде изградена и реконструирана улицата Прва македонска ударна бригада, ќе бидат реконструирани улиците низ сите охридски села. Ќе се пристапи во изградба на водоводни мрежи Елешец- Елшани , во селата Лескоец и Велгошти. Ќе биде изградена атмосферска канализација во Воска и Далјан. Во прва фаза ќе се реконструира централниот објект на детската градинка Јасна Ристеска, а во втората фаза објектот на градинката’Развигорче’“, посочи Бакрачески.
Денес на општо задоволство на сите охриѓани и вработени во Општината Градоначалникот истакна дека најголем дел од проектите до Светска Банка се комплетно предадени и за нив претставниците Банката веќе изработуваат физибилити студија , после што ќе следи добивање на средства. Остануваат уште два до три проекти кои што треба да се финализираат во мали делови по што ќе бидат предадени и тие.
Градоначалникот верува дека до крајот на месец јануари ќе бидат комплетирани сите проекти кои Општината ги планирала за 2014 –та година а со кои ќе аплицира до Светска Банка. Со оглед на тоа што средствата од Светска Банка не подлежат на вообичаените регулативи околу спроведување на тендерски постапки во време на изборен процес, градоначалникот Бакрачески смета дека од март месец годинава на Општината веќе ќе и бидат доставевни средствата, по што од месец мај –јуни ќе се започне со практична реализација на проектите.
Бакрачески, изрази жалење што минатото Локално раководство не создало никакви реални услови за добивање кредит од Светска Банка и отпочнување конкретни проекти.
За да нема недоразбирање јас само ќе појаснам дека во Општина Охрид досега немало постапка која што била блиска до создавање услови за добивање на кредит од Светска Банка, од една проста причина. Никогаш до сега не биле завршени комплетни проекти. И не само тоа , впрочем и не финализирањето на проектите кои што до сега се изведени во изминатите години доведоа до голем број судски спорови кои што ние денес ги решаваме. Затоа што секој проект има одреден број на елементи, има одредени фази и одреден распоред на активности кои што треба да бидат спроведени по одреден редослед за проектот да биде финализиран. Доколку немате еден од потребните документи во еден проект тој не може да биде комплетен и не може да биде реализиран. Меѓутоа доколку го реализирате без комплетна документација се судрувате со судски спорови. Од тие причини ние понатака не сакаме да доаѓаме во ситуации во кои што ќе креираме нови судски спорови , а од друга страна Светска Банка имаат точни и јасно одредени критериуми по кои што може да се одобри еден проект. Значи сите фази од проектот мора да бидат завршени и сите потребни документи треба да бидат обезбедени . Тоа е единствениот начин Светска Банка да даде зелено светло за проектите со кои аплицира Општината, истакна градоначалникот на Охрид.
Сите проекти со кои Општината аплицира пред Светска Банка ќе бидат реализирани во 2014 и 2015 година. Втората половина од проектите кои што ќе бидат одобрени со средства од Светска банка ,односно со околу 2 милиони евра ќе бидат реализирани во 2015-та година, а целата документација за нив ќе биде завршена до крајот на 2014-та година.