Бактерии отпорни на антибиотици откриени и во облаците

Бактерии отпорни на антибиотици се откриени дури и во облаците, носени од ветрот понекогаш на многу долги растојанија, открива француско-канадското истражување, објавено во мартовското издание на списанието Science of The Total Environment.

„Овие бактерии обично живеат на лисјата или во почвата“, вели водечкиот автор на студијата Флорент Роси за AFP во петокот.

„Откривме дека ветрот ги носи во атмосферата и дека можат да патуваат долги растојанија, па дури и да ја обиколуваат земјината топка на големи височини благодарение на облаците“, додава тој.

За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите од Универзитетот Лавал во Квебек и Универзитетот Клермон Оверњ користеа „правосмукалки“ со голема брзина за да ги пробаат облаците што се формираа над Пуј де Дом, неактивен вулкан во централна Франција, во периодот од септември 2019 до октомври 2021 година.

Од атмосферска истражувачка станица лоцирана на 1.465 метри надморска височина, научниците ги анализираа овие примероци за гени за отпорност на антибиотици.

Облаците содржеле меѓу 330 и повеќе од 30.000 бактерии на милилитар вода, или во просек околу 8.000 бактерии на милилитар. 29 подтипови на гени отпорни на антибиотици се исто така идентификувани кај бактериите.

Со широката употреба на антибиотици во здравството и земјоделството, овој тип на сој претставува „голем здравствен предизвик на глобално ниво“, се вели во студијата. Светските здравствени власти постојано ги истакнуваат ризиците поврзани со овие бактерии, кои го прават третманот на одредени инфекции сè покомплексен.

Студијата, сепак, не нуди заклучоци за можните здравствени ефекти од ширењето на бактерии кои носат гени за отпорност на антибиотици, проценувајќи дека само помеѓу 5 и 50 проценти од овие организми може да се живи и потенцијално активни.

„Атмосферата е многу сурова за бактериите, а повеќето од оние што ги најдовме беа бактерии од животната средина, со помала веројатност да бидат штетни за луѓето“, вели Флорент Роси.

„Значи, нема од што да се плашите кога шетате на дожд“, иронично додава научникот, додавајќи дека „сè уште не знаеме дали овие гени можат да се пренесат на други бактерии“.

Сепак, длабокото следење на атмосферата може да овозможи да се лоцира од каде доаѓаат овие бактерии и на тој начин да се „ограничи нивното ширење“, сугерира Роси, земајќи ја како пример анализата на отпадните води за откривање на присуство на коронавирус и други патогени.