Македонија е етнички заробена држава. Држава во која и знаењето е со етнички предзнак. Во Македонија на науката не и е дозволено да открива објективни факти, претворајќи се во само уште еден фронт за културно изразување што се разликува по етничка припадност. Мислам дека време е да отвориме дебата дали треба да постои двостепен систем на знаење заснован на етничка припадност. Знаење по Бадинтеер. Никогаш не е доцна. До таму стигнавме. Иако етнички поделената наука е тежок концепт за одредување кој не може да се дефинира на некој конзистентен начин, често мешајќи ја науката со ненаучни културни верувања кои на некој начин се потврдуваат како еквивалентни на научните методи, во Македонија изградивме систем на правни концепти непознати во светот, а богами и пошироко. Во реалноста, научниот метод само е начин на тестирање на хипотези за светот за да се утврди што одговара на реалноста, а што не. Вистината не зависи од етничката припадност. Можеби така е во светот. Но, ние оддамна не сме свет. Ние сме изолиран остров на глупоста и тоа поделен по етничка основа. Единствена инклузија е во глупоста.
Разногласието околу укинувањето на балансерот ме замисли до каде отидовме во Македонија делејќи се по етничка линија. Изгледа последно што остана за делење е знаењето и науката.
Нивното наспроти нашето.
Нивното засновано на политички и етнички интерес и нашето засновано на наука и право. Па така, она што е забрането во Велика Британија и САД како реверзибилна дискриминација и квоти, кои даваат приоритет на заштитената карактеристика пред заслугите и квалификациите потенцијално ставајќи ги другите во неповолна положба и загрозувајќи го принципот на правични и еднакви можности, кај нас треба и е на пат да стане трајна практика на решавање на историските неправди и системските нееднаквости. До пред неколку дена етничките заштитени карактеристики беа исклучив критериум при вработувањето во јавната администрација, занемарувајќи и не водејќи сметка за принципот на еднакви можности и меритократија, кои требаа да обезбедат поединците да се оценуваат според нивните способности, квалификации и заслуги, наместо непроменливи карактеристики. Наскоро ќе ни се понуди ново стар модел, зашто албанската заедница во Македонија не отстапува од барањето за овековечување на стереотипите, поткопување на правичноста и кршење на правата на поединци кои можат да бидат обесправени од таквиот повластен третман.
Со години во Македонија, во контекст на балансерот, никој не зборува за дискриминација. Затоа што да третираш некого поинаку поради заштитена карактеристика е дискриминација, без разлика дали е позитивна или негативна. Не се бориш против дискриминација дискриминирајќи ги луѓето, како што милува тоа да го прави политиката на албанскиот блок партии кај нас. Зарем некој сериозно мисли дека законот за правична застапеност кој го најавува Меџити ќе го промени тоа? Вклучувањето на позитивна дискриминација преку балансерот и новиот закон ќе биде со сериозни последици по правниот систем на државата, и ќе продолжи да ги поткопува принципите на правични и по заслуги засновани практики за вработување. Да не бевме заглавени во етничките неметнати догми, наместо за позитивна дискриминација ќе расправавме за позитивното дејствување, бидејќи ова е еден од ограничените исклучоци од забраната за дискриминација. Позитивната акција е дозволена, додека позитивната дискриминација е незаконска. Затоа важно е да се разбере разликата помеѓу позитивната дискриминација и позитивната акција кога сакате да ја диверзифицирате вашата работна сила, наместо да ја претворите во алатка за политички вработување по етнички клуч. Да појаснам: позитивна акција е онаму каде што работодавачот презема пропорционални чекори за да се намали каква било неповолност, или да се отстранат бариерите или пречките со кои тој разумно верува дека се соочуваат луѓето од заштитените карактеристични групи. Позитивна акција може да се користи и во ситуација на тајбрејк, каде што има двајца подеднакво квалификувани и соодветни кандидати за работа. На овој начин при изборот помеѓу две лица кога и двајцата се соодветни за работата, може да се искористи позитивно дејство за да се избере личноста од заштитена карактеристична група со цел да се диверзифицира работната сила. Сепак, сите кандидати мора прво да бидат ригорозно оценети и објективно да се бодуваат според нивното искуство и квалификации. Важно е да се запамети дека не би било законски да се даде работата на некој од заштитена карактеристична група каде што другиот кандидат е подобар за работата, едноставно затоа што поседува одредена карактеристика.
Очигледно балансерот беше политичка алатка за манипулација при вработувањето во државната администрација, а искрено не верувам дека новиот закон за правична застапеност ќе го промени тоа. За штетата од примена на балансерот не зборуваме, а и гледам никој нема да понесе одговорност за тоа што државата ни е нефункционална и во процес на разградување. Само се прашувам: до каде може да одиме во етничките делби? Остана ли ште нешто за делење.
Можеби уште воздухот да го делиме по етнички клуч, зашто паметта одамна ја поделивме.
Барем глупоста ни е заедничка.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес