Балерина осудена на 12 години затвор во Русија дека донирала 51 долар на украинската армија

Регионалниот суд во Свердловск во Русија ја осуди двојната државјанка на Русија и на САД, Ксенија Карелин, на 12 години затвор за предавство, објави денеска „Интерфакс“.

Пресудата ќе стапи во сила 15 дена по нејзиното изрекување доколку странките не поднесат жалба.

Претходно беше објавено дека Обвинителството побарало Карелин да биде осудена на 15 години затвор.

Таа беше уапсена и обвинета за предавство поради донацијата што ѝ ја дала на непрофитната организација „Разом“ за помош на Украина. Откако била уапсена, истражителите во нејзиниот телефон пронашле доказ дека уплатила 51,80 долари за хуманитарната организација „Разом“, која обезбедува помош за Украина од првиот ден на војната.

Судот објави дека Ксенија Карелин извршила трансфер на средства во интерес на една од украинските организации од февруари 2022 година.